Фокусот на посетата, како што соопштија од Дегелацијата на ЕУ, ќе биде ставен на зачувување на уникатното природно и културно наследство на Охрид признато од УНЕСКО, заедно со промоција на туризмот, иновациите и економските можности во регионот.
Шефовите на мисии на ЕУ, според програмата, најпрво ќе го посетат Националниот парк „Галичица“, каде ќе имаат можност да се запознаат со достигнувањата и предизвиците за управување со еден од најубавите национални паркови во земјата, кој доби значителна финансиска помош од ЕУ. Ќе следат и практична презентација на работата и опремата на планинската спасувачка служба на Црвениот крст поддржана од ЕУ, која, како што се вели во соопштението, бележи одлични резултати за доброто на граѓаните.
Амбасадорите ќе се сретнат и со градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков, а ќе го посетат еден од најуспешните проекти финансирани од ЕУ во Охрид – Касарна Хаб.
Касарна Хаб е старт-ап центар со заеднички простор за работа за хонорарци, работници на далечина и ентузијасти за дигитализација. Центарот е поставен во областа на поранешната воена касарна во Охрид и има цел да придонесе за диверзификација на туристичката понуда на градот и за зајакнување на локалната економија преку привлекување посетители и иновативни бизниси.
Амбасадорот Гир ќе се обрати на медиумскиот настан во Касарната Хаб во 13:30 часот.
Посетата амбасадорите ќе ја завршат со работен ручек со претставници на граѓанското општество и кратка обиколка низ Охрид, со фокус на статусот на градот и регионот на Охридското Езеро во УНЕСКО.
nezavisen.mk