Љубовта кон Бога и единството преку неа со Бога е првата и последната цел на животот на секој Христијанин. Знак за таа љубов е исполнувањето на заповедите на Возљубениот за љубовта. Кога човек ќе достигне совршенство во својата љубов кон Бога, тогаш тој има и совршена и искрена љубов и кон ближните. Еден таков делатник на љубовта Божја, кој сосема се соединил и постанал едно со Бога, е несомнено денешниот славеник на Црквата Божја, Светиот Христов Архиереј Николај Мирликиски Чудотворец. Самото спомнување на името на овој Божествен спомагател и победоносец на народот Божји, буди во човека радосни и благородни чувства, како и силна доверба во неговото моќно застапништво. А тоа е така затоа што безброј пати досега се покажало и докажало неговото брзо притекнување напомош кон оние кои со вера го повикуваат неговото славно име. Спомагател на неволниците, заштитник на обесправените, поткрепител на вдовиците, богатство за сиромашните, пример на архиереите, учител на монасите, грижлив родител на верните – Свети Николај со векува останува еден од најомилените Светии на Црквата Христова.
Задоена со огромна љубов кон овој сесветски Светилник на светоста Христова од страна на својот Старец и Игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, кој уште од дете го сака Свети Николај како син татко си, Свештената Бигорска Обител со најсветло торжество го празнува неговиот свет спомен. Ноќното бдение и денешната Света Евхаристија отслужена од Старецот, не беа ништо друго освен еден срдечен излив на благодарност и молитви кон Угодникот Божји. А тој од своја страна ни возврати со обилни милости, спростирајќи го врз сите присутни мирот Христов. Како посебен, пак, благослов откај Светиот беше тоа што на неговиот сечесен спомен ни го донесе нашиот многу ценет и сакан пријател, Неговото Високопреподобие, Архимандритот г. Матеј Псомас од православната Црква на Грција, кој сослужуваше на Светата Литургија со нашиот Старец, и почитуваната Старица Данилија, Игуменија на Манастирот „Мала Галилеја“ во Светиот Град Ерусалим – местото каде што воскреснатиот Господ два пати им се јавил на учениците и ги поздравил со зборовите: „Радувајте се“. Познанството на нашиот Старец со Старицата Данилија започна при неговото неодамнешно поклонение во Светата Земја, кога таа го прими Старецот и неговата придружба со најголемо гостољубие. Освен што ни го збогатија светлото торжество за Свети Николај, цените гости ни го донесоа со себе и благоуханието на љубовта и заедништвото во Христа.
Бигорски манастир