АктуелноОхрид

(ВИДЕО и ФОТО) Запленето оружје, дрога, злато…И СВР Охрид дел од меѓународна акција за сузбивање на прекуграничен криминал во Југоисточна Европа

Во рамки на Заедничките акциски денови на Европол во периодот од 26 до 29 октомври, беше спроведена меѓународна акција „Акциски денови– JAД 2022 – Југоисточна Европа“ за спречување на недозволена трговија со огнено оружје и муниција, недозволена трговија со дрога и сузбивање на прекуграничен криминал и илегална миграција. Во операцијата покрај Република Северна Македонија учествуваа повеќе земји од регионот и земји членки на Европска унија, додека на граничните премини беа присутни и претставници од Фронтекс. Во нашата земја се вршеа зајакнати селективни контроли при влез и излез на граничните премини на патници, автобуси, патнички и товарни моторни возила. Освен полициски службеници од Министерството за внатрешни работи во спроведувањето на акцијата учество зедоа и царински службеници од Царинската управа на Република Северна Македонија, преку своите мобилните тимови.

Носител на акцијата во Министерството за внатрешни работи, беше Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, Единица за недозволена трговија со оружје, опасни материи и радиоактивен материјал, а учество во реализацијата зедоа полициски службеници од повеќе надлежни организациски единици, како што се организиран и сериозен криминал, гранични работи, криминалистичко разузнавање и анализа, меѓународна полициска соработка, како и Секторите за внатрешни работи Скопје, Куманово, Струмица, Битола и Охрид.

Притоа, беше извршена контрола и преглед на 858 селектирани лица, 437 патнички возила, 10 товарни возила и 22 автобуси. При извршените прегледи, како и извршените 20 претреси на повеќе локации низ државата, при што се лишени од слобода 13 лица за понатамошна постапка. Пронајдени се осум пушки, три пиштоли различни марки и калибар, како и по еден гасен, сигнален и пневматски пиштол, 356 парчиња муниција различен калибар, рамка за пиштол, 91 парче пиротехнички средства, 2,5 килограми висококвалитетен златен накит, 1,5 килограм наркотична дрога марихуана, 360 семки од растението „канабис“, поголем број различни пакувања и зипер кесиња со прашкаста материја, два метални детектори за откривање на метал во земја, 286 метални монети и накит од постаро време, 50.000 евра како и поголем износ на денари во различни апоени идр.

За време на акцијата, откриени се вкупно 389 мигранти од кои 202 од Сирија, 80 од Авганистан, 34 од Мароко , 23 од Конго, 17 од Пакистан, осум од Палестина…

извор:МВР