АктуелноОхрид

Засвети срцето на Охрид кај Студенчишта – ново атрактивно место за фотографирање со прекрасна панорама на градот

Новото фотокатче покрај рекреативната патека Студенчишта во Охрид од вечерва доби уште поубав изглед. Декоративната инсталација во форма на срце, со натпис „Охрид“, деновиве беше приклучена на електрична енергија, а сега натписот свети и во вечерните часови.

 

Инсталацијата е поставена на атрактивна локација, од каде што се отвора прекрасна панорама кон Охридското Езеро и стариот дел на Охрид, создавајќи идеални услови за фотографирање.

 

Замислена како ново препознатливо фотокатче, инсталацијата треба да ги привлече домашните и странските туристи, кои од ова место ќе можат да направат впечатливи фотографии со панорамата на Охрид во заднина и да ги споделуваат на социјалните мрежи.

 

Со осветлувањето на натписот „Охрид“, оваа локација добива дополнителен шарм и во вечерните часови, кога светлечкото срце и погледот кон градот создаваат посебен амбиент.

 

Се очекува новото фотокатче да стане уште една популарна точка за фотографирање покрај патеката Студенчишта, особено меѓу туристите кои сакаат да понесат убав спомен од посетата на Охрид.