Охридското Езеро е на четвртото место меѓу осумте најдобри туристички дестинации на Балканот за 2026 година, според изборот на американскиот медиум „Quartz“. На листата се најде уште една македонска дестинација – Националниот парк Маврово, кој ја зазема шестата позиција.
Американскиот медиум го претставува Балканот како еден од најпотценетите туристички региони во Европа, кој располага со исклучителни природни убавини, богато културно-историско наследство и автентични туристички искуства.

Охридското Езеро е издвоено како една од најатрактивните дестинации во регионот, која заслужува да се посети во текот на целата година. Посебно се истакнуваат природните убавини, културното наследство под заштита на УНЕСКО и неповторливата атмосфера што ја нудат Охрид и езерото.
Како дополнителна предност се наведува и фактот што Охрид, во споредба со некои од попознатите европски езерски дестинации, сè уште нуди порелаксирана атмосфера и помали туристички гужви.

Националниот парк Маврово, пак, е претставен како атрактивна планинска дестинација, со прекрасни пејзажи, можности за планинарење, активен одмор и запознавање со традиционалниот начин на живот.
На листата на осумте препорачани дестинации се наоѓаат:
- Сараево – Босна и Херцеговина
- Котор – Црна Гора
- Истра – Хрватска
- Охридско Езеро – Македонија
- Албанска ривиера – Албанија
- Национален парк Маврово – Македонија
- Приштина – Косово
- Брач – Хрватска
„Quartz“ им препорачува на туристите Балканот да го истражуваат без брзање, со посета на неколку внимателно избрани дестинации, наместо да се обидуваат да го обиколат целиот регион во едно патување.

Ова меѓународно признание е уште една значајна промоција на Охрид и Македонија на светскиот туристички пазар, особено во период кога сè повеќе патници бараат автентични дестинации, природни убавини и одмор далеку од пренатрупаните туристички центри.



















