АктуелноОхрид

Катарина Стојановска е нова претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид

Катарина Стојановска е избрана за нова претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ при Општинскиот комитет во Охрид. Одлуката за нејзиниот избор ја донел Извршниот комитет на Унијата на жени, а Стојановска ја соопшти информацијата преку објава на својот Фејсбук-профил.

 

Во своето обраќање, Стојановска истакна дека новата функција ја прифаќа со чувство на одговорност, благодарност и силна мотивираност за работа. „Оваа доверба за мене претставува голема чест, но пред сè, одговорност и обврска да придонесам со својата работа, посветеност и енергија за унапредување на положбата на жената во општеството“, напиша Стојановска.

 

Новата претседателка на Унијата на жени во Охрид е професорка по физичко и здравствено образование. Во својата објава нагласува дека дисциплината, тимската работа, истрајноста и заедништвото ќе бидат вредностите што ќе ја водат во извршувањето на новата функција. Како свои приоритети ги посочува поголемата вклученост на жените во општествените процеси, меѓусебната солидарност, поддршката и создавањето нови можности за нивно активно учество во развојот на Охрид.

 

„Мојата цел е да поттикнам поголема вклученост, солидарност и меѓусебна поддршка меѓу жените, да создадеме нови можности за нивно активно учество и заеднички да придонесеме за подобар Охрид“, истакна Стојановска.

 

Таа упати благодарност до досегашната претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид за нејзиниот ангажман, вложениот труд и придонесот во работењето на организацијата, изразувајќи надеж дека соработката и меѓусебната поддршка ќе продолжат и во иднина. Стојановска порача дека ќе настојува укажаната доверба да ја оправда со посветена работа, искрен пристап и конкретни резултати, нагласувајќи дека верува во потенцијалот на жените да бидат двигатели на позитивни промени во локалната заедница.