На 01.09.2026, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Охридско езеро во водите на Охридското езеро извршија акциски контроли поврзани со кривичното дело „незаконит риболов“, како и пронаоѓање рибарски мрежи и друг риболовен алат и прибор.
Притоа, на потегот помеѓу струшките села Калишта и Радожда пронајдени се дваесет т.н. висечки рибарски мрежи, кои се најстрого забранети за вршење лов на риба, во вкупна должина од околу 4.000 метри со улов од 872 парчиња риба – Охридска Белвица и вкупна тежина од 116,9 килограми. По насоки на јавен обвинител, полициските службеници од езерската полиција и од Регионален центар за гранични работи Запад од езерото ги подигнаа рибарските мрежи заедно со уловот, по што е известен надлежниот инспекторат за рибарство.

Во наредниот период, Полициската станица за граничен надзор Охридско езеро ќе продолжи со спроведување на засилени акциски контроли со цел сузбивање на незаконитиот риболов, како и пронаоѓање на лица сторители на ова кривично дело и заштита на рибниот фонд на Охридското езеро.

















