АктуелноОхрид

Грчка вечер на „Охридско лето“ со Теодосија Нтоку и Масимо Полидори

Грчката пијанистка Теодосија Нтоку и италијанскиот виолончелист Масимо Полидори вечерва
ќе концертираат на традиционалната Грчка вечер на „Охридско лето“ што се одржува со
поддршка од Амбасадата на Грција во земјава.
Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
Оценета од списанието „Би-би-си мјузик“ како пијанист со драматични квалитети, емотивна
суптилност и како возбудлив изведувач, грчката пијанистка Теодосија Нтоку веќе има свое
значајно присуство на меѓународната музичка сцена. Нтоку е основач и уметнички директор на
серијата концерти наречена „Кинески концерти“ кој е еден вид фестивал посветен на
негувањето на културната размена преку промовирање на класичната музика од највисок ранг.
Активна е како камерен музичар и нејзините соработки ги вклучуваат Марта Аргерич, Максим
Венгеров, Стивен Исерлис, Гил Шахам, Миша Мајски, Даниел Хоуп и др.
Масимо Полидори е меѓународно признат водач на групата виолончела на оркестарот на „Ла
Скала“ во Милано, позиција која ја добива на 30-годишна возраст откако тогашниот уметнички
директор на оркестарот, Рикардо Мути, ги препознава неговите квалитети. Покрај тоа,
Полидори е основач на триото „Јоханес“ и на Гудачкиот квартет на „Ла Скала“ заедно со
концерт-мајсторот и истакнат виолинист Франческо Манара, ансамбли со кои постигнува
светски успеси и настапува во „Карнеги Хол“, а со кои ги добива наградите „Осака“, наградата
„Премио Трио“ во Трст и наградата на Асоцијацијата на музичките критичари на Аргентина.
Пред да ја прифати позицијата на водач на виолончела во „Ла Скала“, Полидори пет години
бил прв виолончелист на „Камерата Берн“, оркестар со кој настапувал низ целиот свет и
снимал повеќе албуми за „Филипс“, „Дека“, „Берлин Класикс“ и ЕЦМ, со уметници како Хајнц
Холигер, Андрас Шиф и Раду Лупу. Покрај оркестарските ангажмани, Полидори има и активна
солистичка кариера настапувајќи со оркестри како Симфонискиот оркестар во Питсбург,
оркестарот „Керубини“, Филхармонискиот оркестар на „Ла Скала“, Оркестарот во Падова и др.
На репертоарот ќе бидат дела од Сергеј Рахманинов, Антонин Дворжак, П.И. Чајковски, Астор
Пјацола и Габриел Форе и Едвард Елгар.