АктуелноОхрид

Царинската управа започнува зајакнати контроли на пловни објекти по Охридското езеро

Царинската управа, преку Одделението за оперативни работи при Секторот за контрола и истраги, во наредниот период ќе спроведува зајакнати теренски контроли на пловните објекти кои се користат на Охридското Езеро. Контролните активности ќе бидат насочени кон проверка на тековниот царински статус на пловните објекти и исполнетоста на законските обврски согласно царинските прописи. Царинската управа ги повикува сите сопственици и корисници на пловила за кои не е спроведена соодветна царинска постапка, истата да ја регулираат во најкус можен рок.

🛥Сите пловни објекти кои при контрола ќе бидат затекнати со нерегулиран царински статус ќе бидат предмет на соодветна законска постапка, при што ќе бидат преземени мерки за утврдување на обврските и привремено задржување на пловилата, до нивно целосно исполнување согласно законските овластувања. Предмет на контрола ќе бидат и пловните објекти на нерезидентите чија употреба е регулирана со дозвола за привремен увоз, по што мора да го напуштат царинското подрачје или за нив да биде спроведена соодветна царинска постапка. Воедно ќе се контролира и исполнетоста на условите за управување со пловилата, односно дали тие се управувани исклучиво од лица кои имаат законско право на тоа.

👉Царинската управа продолжува со спроведување редовни контролни активности со цел обезбедување доследна примена на прописите за привремен престој и користење на странски пловни средства. Ги повикуваме граѓаните и странските државјани да постапуваат согласно важечките царински регулативи и навремено да го усогласат статусот на своите пловни објекти.