По повод празникот Раѓањето на Свети Јован Крстител – Иванден, во манастирот ,,Свети Јован Крстител – Бигорски”, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот на Дебарско-кичевската епархија г. Георгиј, отслужи Света Архиерејска Литургија, во сослужение со Епископот Антаниски г. Партениј.

Освен Архиереите и манастирските свештенослужители, на светата Литургија сослужуваа и високопочитуваните отци: архимандритот Матеј од митрополијата на Верија, старецот Антипа од Света Гора, архимандритот Нектариј игумен на манастирот ,,Свети Наум Охридски” од Охрид, архимандритот Продром од митрополијата на Карпениси, архимандритот Филарет од митрополијата на Тива, протопрезвитерот Темистокле од Атина, јеромонахот Теодосиј од Света Гора, протопрезвитерот Јован од Романија, презвитерот Наум од Австралија, презвитерот Илија од Радовиш, презвитерот Павел од Охрид, јероѓаконот Хризостом од Света Гора и протоѓаконот Николче од Охрид.

На светата Литургија молитвено присуствуваше и цивилниот управител на Светата Гора Атонска, г. Алкивијадис Стефанис, архонт на Светата Христова Велика Црква и на Александриската Патријаршија.
На крајот од богослужбата, епископот г. Партениј, од свое име и манастирското братство, по повод манастирската слава, како и по повод годишнината од митрополитската служба, на митрополитот г. Георгиј му подари уникатен манастирски архиерејски енколпион, со претстава на Царицата Богородица на царски престол, а лево и десно од неа, во молитва, стојат свети Јован Крстител и свети Јован Дебранин.

Епископот г.Партениј ги искажа своите молитвени благопожелби за добро здравје на почитуваниот Митрополит г.Георгиј, и за продолжение на добрата меѓусебна соработка, просејќи ги неговите молитви.













