Охрид

Од 1 јули ограничено користењето на скутери на Охридското Езеро, продолжуваат и ограничувањата за пловидба на чамците

Владата на Република Северна Македонија донесе Одлука за ограничување на пловидбата на пловните објекти на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро, со цел зголемување на безбедноста во пловидбата, заштита на човечките животи и животната средина.

Согласно одлуката, ограничувањето за пловидба на чамците е во сила од 3 јуни до 31 август, секој ден во периодот од 21:00 до 05:00 часот. Во текот на септември пловидбата ќе биде ограничена од 20:00 до 06:00 часот, а во октомври од 19:00 до 06:00 часот.

Дополнително, од 1 јули до 31 август ќе важи и ограничување за користење на скутери на езерата. Тие ќе можат да пловат исклучиво во периодот од 11:00 до 19:00 часот.

Одлуката не се однесува на пловните објекти што се користат за јавни потреби, како што се инспекциски, полициски и царински надзор, како и на чамците што вршат стопански рекреативен риболов врз основа на концесија и пловните објекти регистрирани за превоз на патници.

Одлуката е објавена во „Службен весник“ и стапи во сила со денот на нејзиното објавување.