Со возвишени византиски напеви, духовна убавина и моќта на хорското пеење, школата за византиска музика „Калистрат Зографски“ приреди незаборавна музичка вечер во Струга, одржувајќи го својот завршен концерт пред бројна публика.




На сцената пред преполната сала настапија детскиот состав под раководство на протопсалт Теофан Санџакоски и диригент Ана Тихонова, женскиот состав под раководство на Теофан Санџакоски, како и машкиот хор предводен од хороначалникот и протопсалт д-р Димитри Кумбароски.

Младите хористи преку своите изведби ја пренесоа убавината и длабочината на византиската духовна музика, создавајќи атмосфера исполнета со емоции, благодат и посебна духовна енергија.


Концертот беше проследен од преполна сала, каде што присуствуваа љубители на духовната музика од сите генерации, како и свештени лица кои беа дел од овој несекојдневен настан посветен на негувањето на православната музичка традиција.



Со својот настап, членовите на школата „Калистрат Зографски“ уште еднаш покажаа дека византиското пеење не е само музика, туку духовно наследство кое ги поврзува генерациите и продолжува да живее преку посветеноста, трудот и љубовта кон црковната традиција.
Впрочем како што беше истакнато од протопсалт Димитриј Кумбароски, работата на школата не е случај , туку таа претставува продолжение на една исклучително богато музичко предание во нашиот град, Струга. Предание кое професорот Сотир Голабоски го именуваше како струшка црковна музичка школа, а со тоа се означува една исклучителна значајна појава во историјата на црковното пеење чиј духовни великани се Наум Миладин, архимандритот Калистрат Зографски, Јоаким Икономов, Сотир Чакар и други, истакна во своето обраќање Кумбароски.

Вечерта во Струга остана запаметена како празник на духовната музика, каде гласовите на хористите ја исполнија салата со хармонија, молитвеност и незаборавни мигови.
















