Апел за внимателно движење
Здружението на граѓани „Горна Белица – Бисерот на Јабланица“ упати важно известување до сите љубители на природата, планинарите и посетителите кои се движат во правецот од Вишни до Горна Белица, поради зачестена појава на мечки во овој реон.
Според нивното соопштение, во повеќе наврати во изминатите три недели биле забележани мечки, особено од периодот кога е започната сечата на дрва во ова подрачје. Поради тоа, од здружението апелираат до сите граѓани да бидат особено внимателни при движењето низ шумските предели.
Се препорачува движење во групи, избегнување на осамени патеки и зголемена претпазливост, особено во раните утрински и вечерните часови кога дивите животни се поактивни.
„Се предупредуваат сите љубители на природата дека во правец од Вишни до Горна Белица во повеќе наврати се забележани мечки, особено во периодот од три недели од кога е почната сечата на дрва. Ве молиме за внимателно движење во групи“, стои во апелот на Здружението на граѓани „Горна Белица – Бисерот на Јабланица“.
Од здружението повикуваат на одговорно однесување и почитување на природата, со цел да се избегнат несакани средби и потенцијално опасни ситуации.
Видео од мечиња снимени на патот објави порталот patuvanja.mk












