Американскиот претседател Доналд Трамп повторно направи нагла промена во својата политика кон Иран, откако неколку часа пред истекот на примирјето меѓу двете земји објави дека еднострано го продолжува.
Само неколку часа претходно, во интервју за американската телевизија Си-Ен-Би-Си, Трамп изјави дека нема намера да го продолжи примирјето. Тој дури предупреди дека, доколку не дојде до брз договор со Техеран, Соединетите Американски Држави ќе ги продолжат воените напади. „Очекувам повторно да бомбардираме, затоа што тоа ни дава подобра преговарачка позиција. Војската е подготвена“, изјави Трамп, додавајќи дека за САД ќе биде склучен „одличен договор“ и дека Иран „нема избор“.
Иран одолговлекува и не потврдува учество во разговори
Сепак, Техеран покажува дека има избор – меѓу тоа и да не се појави на нови разговори или да ги одложи.
Американската преговарачка делегација, предводена од потпретседателот Џеј Ди Венс, сè уште не отпатува за Исламабад, Пакистан, каде што требаше да се одржат разговорите. Причината е што Иран досега не потврдил подготвеност за учество.
По ова, Трамп на својата платформа Трут Соушл најави дека примирјето ќе биде продолжено „сѐ додека Иран не достави усогласен предлог и разговорите не бидат завршени“.
Критики: Иран ја контролира ситуацијата
Според демократскиот конгресмен Сет Молтон, одлуката на Трамп покажува дека не САД, туку Иран ја има контролата врз ситуацијата. „Техеран го има последниот збор. Иранците очигледно многу подобро разбираат како размислува Трамп, отколку што Трамп ги разбира нив“, изјави Молтон за Си-Ен-Ен.
Според него, Трамп со продолжувањето на примирјето само купува време, бидејќи нема јасна стратегија што да направи понатаму. „Нема план – и никогаш немало. А ни самиот Трамп не знае како да излезе од оваа ситуација“, оценува Молтон.
Сличен став изнесе и Бет Санер, експертка за национална безбедност и поранешна разузнавачка, која смета дека продолжувањето на примирјето е „најмалку лошата“ од трите можни опции.
„Трамп е во јасна дилема: може повторно да започне бомбардирања, да го испрати Венс во Пакистан без гаранција дека Иран ќе се појави, или да го продолжи примирјето. Третата опција е најрационална“, анализира Санер за Си-Ен-Ен.
Техеран: Продолжувањето на примирјето е без значење
И покрај најавата на Трамп, Техеран реагира ладно. Мехди Мохамади, советникот на иранскиот главен преговарач и претседател на парламентот, Мохамад Багер Галибаф, напиша на платформата X дека продолжувањето на примирјето „нема никакво значење“.
Иран смета дека американската блокада на иранските пристаништа претставува директно кршење на примирјето. Трамп, пак, јасно стави до знаење дека блокадата ќе продолжи, што за Техеран е клучна пречка за какви било понатамошни разговори.
Оттука, останува неизвесно дали и кога ќе продолжат преговорите меѓу САД и Иран – неизвесност што не ја менува ниту едностраната одлука на Трамп за продолжување на примирјето.
DW











