Основното јавно обвинителство во Охрид побара определување мерка притвор за 45-годишен охриѓанец, осомничен дека физички го нападнал и повредил својот 10-годишен син.
Како што информираат од Обвинителството, против него постои основано сомнение дека сторил кривични дела Телесна повреда, Загрозување на сигурноста и Неизвршување на судска одлука, предвидени во Кривичниот законик.
Според наводите, на 24 март во семејниот дом во Охрид, осомничениот физички го нападнал детето, удирајќи го со тупаници, шамари и клоци по целото тело. Во еден момент, како што се наведува, го фатил детето за коса и го подигнал од подот.
Од Обвинителството додаваат дека осомничениот подолг период упатувал сериозни закани по живот и кон неговата сопруга, со што ја загрозил нејзината сигурност.
„Ваквото семејно насилство осомничениот го вршел иако имал активно изречени судски мерки за заштита од семејно насилство, со кои му било забрането физички и психички да ја малтретира сопругата и двете малолетни деца“, информираат од Основното јавно обвинителство..
Бидејќи осомничениот не ги почитувал изречените судски забрани, а постои и опасност од повторување на делото и ризик од бегство, јавниот обвинител предложил до Судот да му биде определена мерка притвор.












