Историски момент се случи на 8 март, кога архијереј на Православната Црква на Албанија служеше на урнатините на манастирот „Четириесет Маченици“ во Саранда, во јужна Албанија.
Неговото Високопреосвештенство митрополитот Натанаил Ѓирокастрански ја предводеше свечената служба на Великата вечерна во неделата навечер, заедно со свештенството и верниците. Тоа беше првата архијерејска служба одржана на тоа место по неколку децении, соопштува епархијата.
Последниот архиереј што служел таму бил Високопреосвештениот митрополит Пантелејмон, кој бил надлежен архиереј на Ѓирокастранската епархија во периодот од 1937 до 1941 година.
Манастирот „Четириесет Маченици“ е разурнат православен манастир сместен на рид над крајбрежниот град Саранда. Изграден околу VI век по Христа, тој се смета за еден од најзначајните ранохристијански и византиски споменици во регионот, а најмалку еден милениум служел како големо поклоничко место во областа на Јонското Море. Особено е познат по своите древни катакомби. Самиот град Саранда го добил своето име од манастирот — од грчкиот збор „саранда“, што значи четириесет.
За време на Народна Република Албанија (1944–1991), местото било пренаменето во воена инсталација. Денес се зачувани само делови од страничните ѕидови на неговата црква од базиликален тип.
Службата претставува значаен момент во религискиот живот на локалната православна заедница. „Светиот манастир на Четириесетте Маченици стои како драгоцено сведоштво за христијанската вера во овој регион“, наведува епархијата.
liturgija.mk











