Катедралниот храм „Света Софија“, кој е историско седиште на МПЦ-ОА, не е повеќе сопственост на Дебарско-кичевската епархија, туку со одлука премина во надлежност на поглаварот – архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан. Дневниот весник Вечер пишува дека, покрај Света Софија во надлежност на архиепископот Стефан е префарлен и еден објект што е дел од комплексот на охридски Плаошник и што сè уште е во изградба.
Ваквите промени биле извршени минатата година, пред изборот на новиот митрополит на Дебарско-кичевската епархија, г. Георгиј, кога со епархијата раководеше архиепископот Стефан.
Идејата Света Софија и дел од Плаошник да бидат одземени од Деварско-кическата епархија и да бида префрлени под надлежност на Архиепископијата е стара идеја на поглаварот, но на нејзе остро се спротивставуваше сега покојниот митрополит Тимотеј.
Весникот Вечер повикувајќи се на свои извори од црковните кругови пишува дека одлуката за катедралната црква „Света Софија“ и дел од комплексот на Плаошник да се во надлежност на македонската Архиепископија, односно на архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан е е еден вид ставропигија, иако под тој термин најчесто се подразбира директна јурисдикција на еден црковен поглавар врз некој манастир.
На прашањето за мотивите за ваквата одлука во МПЦ-ОА, со оглед на фактот дека архиепископот под своја директна надлежност го има манастирот во Калишта, кој не е многу оддалечен од катедралната црква, објаснувањето е дека станува збор за различни подрачја.
– Манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ е во рамките на Струшката парохија. Архиепископот досега немаше надлежност врз ниту еден храм на подрачјето на Охрид, кој е наше историско седиште. Сега ќе ја има – наведуваат изворите на Вечер.
Објектот во комплексот Плаошник, кој сè уште е во фаза на изградба, треба да биде наменет за резиденцијални потреби, односно за негово користење од страна на поглаварот, но и на високите црковни гости што ќе го посетат Охрид.
Катедралната црква „Света Софија“ е најзначајниот храм на МПЦ-ОА и е посветена на Христос како божествена премудрост, т.е. св. Софија. Оваа црква претставува една од најзначајните знаменитости во Македонија со средновековната архитектура и со фреските. Во еден долг временски период, таа била соборна црква на Охридската архиепископија, чија црковна власт се протегала на север од Дунав до албанските брегови на запад и до Солунскиот Залив на исток. Времето на изградбата не може точно да се утврди, бидејќи не е зачуван ниту еден натпис што би упатувал на тоа, но се претпоставува дека е подигната по големата мисија на свети Кирил и на свети Методиј врз темелите на стара сакрална градба. Најверојатно, таа служела како катедрала уште во времето на цар Самоил, кој кон крајот на X век ја пренел својата престолнина од Преспа во Охрид.
Ваквото значење на катедралната црква и нејзиното преминување под надлежност на архиепископот г.г. Стефан го подгреаја прашањето дали мотивот за одлуката е и префрлување на седиштето на МПЦ-ОА од Скопје во Охрид. Такви барања и размислувања имало во изминативе години, со оглед на значењето на Охрид како црковен историски центар и седиште на архиепископите.
– Но, таков мотив нема. Нема такви идеи и размислување за префрлување на седиштето во Охрид, засега – наведуваат изворите на дневниот весник Вечер.
Треба да се нагласи и дека Света Софија е една од најбогатите цркви во Охрид со најголем број на посетите. Слично и Плаошник.
religija.mk











