Охрид

ОО СДСМ прашува каде се потрошени средствата од субвенцииите, затоа што на крајот тоа се средства за граѓаните, а граѓаните не го гледаат бенефитот од тоа

Почитувани охриѓани, почитувани медиуми,

граѓаните на Охрид како никогаш до сега се соочуваат со удар по домашниот џеб- поскапување на услугите на јавните претпријатија.

Она што дополнително загрижува е фактот што и покрај зголемените цени дел од јавните претпријатија работат со загуба, а локалната власт упорно продолжува да ги субвенционира со народни пари. Прашуваме, каде се потрошени средствата од субвенцииите, затоа што на крајот тоа се средства за граѓаните, а граѓаните не го гледаат бенефитот од тоа.

Пример, како е возможно при 100 % зголемени цени за паркинг места на пловните објекти, при пренатрупаност, безредие и без никакви услови ЈП Билјанини Извори да живее со субвенции од општина Охрид, кои да потсетам се народни пари?

Или како е возможно при 30-50 % зголемени цени за комунални услуги, ЈП Охридски комуналец да е во загуба од 37 милиони денари, а при тоа да е исто така субвенциониран од општина Охрид?

И зошто Охрид има проблеми со водоснабдувањето додека на секој чекор има дефекти кои со денови се санираат, а износот на цена за вода е зголемена за над 40 %? А сепак претпријатието доколку немаше 16 милиони денари субвенции од Општина Охрид ќе прикажеше загуба.

Ситуацијата со ЈП Градски гробишта му е позната на секој граѓанин и доколку би сакале да го заборавиме пречекот за Велигден – а невозможно е, би забележале само хаос и негрижа за гробните места, иако граѓаните се принудени да плаќаат 100% зголемени цени за нивните услуги.

И ЈП Градски пазар не остана без субвенции од општина Охрид, без кои не би можело ни да исплати плати. Тој факт ги зачудува граѓаните добро запознаени со приходите кои ова јавно претпријатие може да ги оствари во најмала рака со давање под наем на типизираните куќарки и тезги, кои за жал се даваат само на заслужни партиски приврзаници.

Охрид и понатаму за жал во последно време останува препознатлив по шахтите и дупките и се’ тоа благодарение на работата на ЈП Нискоградба.

Патем јавното претпријатие Колекторски систем до летната сезона требаше да ја има пуштето во употреба пречистителната станица во Трпејца. Или полесно им е феклаиите да ги испуштаат во езерото , како што тоа и го прават?

И на крај, работниците имаат право да знаат зошто јавните претпријатија повторно покажаа дека еднаквиот третман кон вработените не им е приоритет! Зошто им се зголемуваат платите само селективно на поединци, а не на сите вработени? Наместо да го вреднуваат трудот на сите, тие ја наградуваат лојалноста кон власта. Кога конечно ќе сфатат дека  не се приватни фирми, туку се финансираат од парите на народот?! Уште една потврда за наводната неселективност во владеењето на ДПМНЕ.

СЕТО ОВА  е доказ за целосната неспособност и неодговорност на раководството на Општина Охрид и директорите поставени од ДПМНЕ. Градоначалникот и мнозинството во Советот никако не успеваат да воведат ред во јавните претпријатија, ниту да обезбедат ефикасно и одржливо управување со општинските ресурси.

До кога граѓаните ќе плаќаат за нечија неспособност?

Општинската организација на СДСМ Охрид бара итна ревизија на работењето на јавните претпријатија, отчетност од менаџментот, како и јасен план за излез од финансиската криза – без нови оптоварувања за граѓаните.

Ви благодарам.