Регион

Вучиќ на вонредната седница на Владата: Пред Србија се тешки задачи

Денес во Палатата Србија почна вонредна седница на Владата на Србија, на која присуствуваше и претседателот на земјата, Александар Вучиќ, јавува Анадолу.

Како што претходно објавија локалните медиуми, на седницата ќе се разговара за акцискиот план, односно за одговорот на државата на крајно неповолната политичка ситуација што кулминираше со последниот притисок врз Белград кога станува збор за Косово и босанскиот ентитет Република Српска.

Во своето воведно обраќање на седницата, Вучиќ рече дека неговата земја ја чекаат тешки и важни задачи.

„Би ги замолил сите членови на Владата, без разлика какви функции ќе извршуваат во наредниот период, тоа да го прават посветено, сериозно и одговорно. Ова е нешто што ни е од најголемо значење за опстанокот на државата и нејзините граѓани“, рече Вучиќ.

Тој побара од претставниците на извршната власт да ги формираат тимовите неопходни за заедничко дејствување.

„Денес имаме продолжување на разговорите во Брисел. Подготвени сме за разговори, но не може да очекуваме ништо добро“, рече Вучиќ, говорејќи за дијалогот меѓу Белград и Приштина под покровителство на Европската Унија.

Тој додаде дека позицијата на „нашиот народ ќе биде сѐ потешка“, а Владата ќе биде „посветена на решавање на овие проблеми“.

Најави и дека наскоро во Париз ќе има средба со францускиот претседател Емануел Макрон.

Оваа средба ќе биде најважна, ќе биде стратегиска. Мислам дека и Французите се подготвија за тоа“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека српската воена индустрија мора да порасне трипати во наредниот период.

„Годинава нашата воена индустрија ќе произведе исто или малку повеќе гранати и ракети од само Франција со калибар од 122 до 155 милиметри. Имаме свои сили, капацитети, само треба да ги зголемиме три или четирипати“, рече Вучиќ.

Вучиќ ја повика Владата итно да формира тим по повод декларацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа за препораката за прием на Косово во членството на Советот на Европа.

„Нашите шанси се минимални, но тоа не значи дека треба да кренеме раце, да кукаме и да плачеме“, изјави Вучиќ.

Тој се осврна и на нацрт-резолуцијата за геноцидот во Сребреница што, по предлог на Германија и Руанда, треба да се најде пред Генералното собрание на Обединетите нации на 27 април.

„Можеме, доколку имаме каква било шанса да го смениме резултатот во Генералното собрание на ОН во врска со резолуцијата за геноцидот во Сребреница, веќе на 21 да одам таму и да останам шест-седум дена, да разговараме со што повеќе претставници на земјите членки на ОН“, рече Вучиќ и продолжи:

„Она што ни останува е да се бориме. Тие можат да нѐ победат. Инаку, ова усвојување на резолуцијата е толку неправедно бидејќи е донесена Општа резолуција за геноцид и индивидуално е непотребно да се оди понатаму.“

На денешната седница присуствуваа и претседателката на Народното собрание, Ана Брнабиќ, министри, како и лица од безбедносниот сектор, армијата и полицијата и директори на јавни претпријатија.

извор: Анадолу.

фото: Анадолу.