АктуелноОхрид

Покрај постојните 11, уште две нови свлечишта се појавиле на автопатот Кичево-Охрид – работите се пролонгираат на неодредено

Две нови свлечишта се јавиле во изминатиот период на делницата на автопатот во изградба од Кичево кон Охрид покрај постојните 11 кои беа актуелни околу Нова година. Сега нивното санирање и барањето трајно решение е главниот предизвик со кој се соочуваат изведувачите на автопатот, објави nezavisen.mk.

Дали ќе бидат потребни дополнителни средства покрај постојните речиси 600 милиони евра, засега не се знае, ниту пак некој се осмелува да прогнозира кога ќе биде завршен автопатот и кога ќе тргнат првите автомобили. Она што го потенцираат претставниците на државата, на изведувачите, од надзорот, како и професори на Градежниот факултет, е дека ако сега би се проектирал автопатот, тоа би се правело сосема поинаку, со тунели, таканаречени галерии и тн.

Сите тие денеска, заедно со група новинари, беа на делот од трасата каде што има најголеми проблеми за да може јавноста на лице место да се увери за големите предизвици со кои се соочуваат градежниците.

Како и да е, во овој момент нема никаква прогноза кога ќе се пушти во употреба, но уверуваат дека кога тоа ќе се случи, ќе биде безбеден за возење. Неофицијално, од луѓе кои учествуваат во изградба на автопатот, тоа би можело да се случи во 2026 година, за првите две делници каде што се свлечиштата (од вкупно пет), додека кај Охрид, би можело и порано, под услов да нема нови непредвидени ситуации.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вели дека е потребно јавноста од близу да се запознае со состојбите на терен, за свлечиштата и да се објасни како технички и практично приблемите се решаваат на терен.

„За секое од овие свлечишта е потребна дополнителна техничка документација. Голем дел од свлечиштата беа и два пати пероектирани, но повторно се јавија и за некои ова е трет пат“, рече Бочварски.

Тој нагласи дека тоа е клучно за безбедноста на автопатот.

Бочварски објасни дека треба да се отвори постапка за дополнителни проектирања, ревизија на проектната документација од што ќе произлезе нова пресметка.

„Државата ќе направи се да ги расчисти овие прашања“.

„Едногласна е констатацијата дека проблемите се од техничка природа за кои треба се бараат соодветни решенија“, рече министерот, додавајќи дека паралелно се работи на трасата. Во однос на продолжување на договорот со „Синохидро“, тој рече сека преговорите се во тек.

Директорот на ЈП за државни патишта (ЈПДП), Ејуп Рустеми вели дека до сега има 13 свлечишта за кои треба да се најдат технички решенија, да се проектираат, како и дека за некои ќе биде потребна дополнителна експропријација итн.

Текстот во целост на: nezavisen.mk