АктуелноОхрид

Комисијата за односи со верските заедници на Здружението „Бадникови поворки“ им го додели највисокото признание „Вељо Манчевски“ за особен придонес во создавањето на трајни вредности

ФБ објава на Летка Филипова. Истата ја пренесуваме во целост:

– Се врачува највисокото признание „Вељо Манчевски“ на Здружението „Бадникови поворки“ за особен придонес во создавањето на трајни вредности“ – одлучи Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи и на синоќа одржаниот свечен предновогодишен прием во Македонска филхармонија ни го врачи високото признание, со следното образложение:

– Здружението Бадникови поворки веќе 14 години како народен, духовен и културен проект на граѓаните од православна вероисповед успеа во над 60 населени места ширум Републиката да ја возобнови древната традиција за Бадник да се пеат божиќни каланди, создавајќи празнична и топла атмосфера во радосното исчекување на Христовото Раѓање, со што се постигна највеличествено и највпечатливо прославување на Бадник во поширокиот регион. Благодарение на трудот на Здружението „Бадникови поворки“ кое во своите редови ги вклучи најреномираните македонски пејачи, групи, ансамбли, оркестри, актери, режисери, спортисти и креативци, се создаде трајна вредност на новото време. Ризницата на бадниковите поворки бележи повеќе успешни целовечерни концерти, обновени и извлечени од заборав, но и ново создадени божиќни песни, чија порака е визуелизирана и со моќни видео спотови, организирани се голем број на хуманитарни акции, работилници и допрено е до илјадници луѓе, пружена е рака до секој, за сите да сме заедно, а никој да не е осамен во најубавиот период на годината.


Црпејќи го благословот од Македонската православна црква, како и поддршката од епархиите и значајниот поттик од Манастирот Св. Јован Крстител – Бигорски, Бадниковите поворки секоја година храбро исчекоруваат во нови достигнувања кои оставаат длабока трага.- посочи Комисијата на синоќешното доделување на признанието.


🙏❤️ Неизмерно благодарни и радосни што ова признание ни пристигнува во момент на интензивни подготовки за овогодинешните Бадникови поворки, чувствуваме должност најсрдечно да им се заблагодариме на сите досегашни учесници, кои во било кој облик дале свој придонес кон Поворките на радоста кои благодарение на големата поддршка од народот, опстојуваат веќе 14 години.
🌟 Уште еднаш испраќаме повик за учество до сите градови и населени места: на 6 јануари да излеземе на улиците во целата Република и радосно да го најавиме Рождеството Христово.