Со утринска Богослужба посветена на светите Кузман и Дамјан во истоимената црква во Враништа денеска започна одбележувањето на овој голем празник. Бројни верници во текот на целиот ден ја исполнија црквата кои доаѓаа за здравје да запалат свеќа и да се помолат.
По отслужената Богослужба, беше извршено и крстење вода како и осветување на славските лепчиња кои беа донсени од страна на домаќинките.
Црква „Св. Кузман и Дамјан“ ― црква во селото Враништа. Се наоѓа вон населеното место, на северната периферија на Враништа, односно покрај патот кој води кон Ложани.
До 2009 година постоела помал храм. Во ноември 2009 година започнала изградбата за поголемата црква. За време на свеченото поставување на кaмен темелникот на црквата „Св. Кузман и Дамјан“ чиноначалствувал митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј.
На 12 октомври 2014 година, во Осумнаесеттата недела по Педесетница, и на празникот на преподобниот Киријак Отшелник и на светиот Теофан Милостив, митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј Митре Попоски, свештениците Никола Христоски, Ристе Наумоски и Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, извршил осветување на новиот храм. Ктитор на црквата е Новко Плаќаноски од Драслајца. Изградбата била помогната и со дарувањата на месното население и од сите верници од пошироката околина.