Охрид

Општина Охрид позитивен пример за имплементација на младински политики

Општина Охрид беше посочена како позитивен пример за имплементација на младински политики на локално ниво, на Регионалната конференција за младински политики и конструктивни наративи на локално ниво „Младински соседски дијалози: Сега за иднината!“, која започна денеска во Скопје.

На конференцијата свое учество зедоа претставници од Младинскиот центар и Советот на млади од Охрид, a во името на градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, обраќање пред присутните имаше раководителот на Секторот за спорт, млади и невладини организации, Јоне Станкоски.

-Младинските политики играат важна улога во развојот и напредокот на локалната заедница. Младите луѓе се носители на идеи и иновации. Затоа, инвестирањето во нивното развивање и поддршката на нивните потреби е суштинско за обезбедување на посилни и одржливи локални заедници. Токму затоа, ми претставува голема чест и задоволство што како претставник на Општина Охрид, кој активно работи во делот на младинските политики, да бидам присутен на оваа конференција и да се обратам во името на градоначалникот Кирил Пецаков, со цел да ги презентирам активностите кои ги прездовме во текот на изминатиот период, за да обезбеди подобри услови за младите на локално ниво.

Искрено се радуваме што Општина Охрид прерасна во еден позитивен пример во нашата држава бидејќи има успешна реализација не само на обврските согласно Законот за младинско учество, туку оди и едно скалило погоре, во насока на реализирање на конкретни мерки и проекти за подобар статус на младите. Особено сме горди на воспоставуавњето и официјалното отворање на Младинскиот центар, кој е навистина прерасна во место со голема позитивна енергија, кое допрва ќе даде голем придонес во креирање и имплементирање на младинските политики во Охрид.

Целта на Младинскиот центар е да им овозможи на младите да ги унапредуваат своите знаења и да го зголемат своето учество во процесите на донесување одлуки во образовните институции и општината. Овозможивме еден современ простор каде што се спроведува системска поддршка на личниот развој на младите луѓе и нивното активно вклучување во заедницата преку неформално образование, забавни и волонтерски активности, информирање, менторство и советување. Центарот спроведува активности и мерки за развивање на креативниот потенцијал на младите, а подготвува и реализира активности за промоција на различни таленти.

Покрај отварањето на младинскиот центар, за остварување на јавните потреби и јавниот интерес на младите луѓе на територијата на Општина Охрид, формиран е Локален совет на млади и Локално младинско собрание, а изготвена е и Локална Стратегија за млади 2021-2026 год.

Оваа можност сакам да ја искоритам и на сите младинци, сите претставници на локални институции и младински организации, да им посакам успех во реализација на плановите и идеите за обезбедување на подобри услови за младите во нивната локална средина. Општина Охрид секогаш ќе биде подготвена да ги сподели сите досегашни искуства и практики во делот на креирањето на младинските програми и секако во процесот на отворање на Младинскиот центар.

Почитувани, уверен сум дека преку поддршката која им ја обезбедуваме на младите луѓе им овозможуваме да станат активни граѓани кои можат да дадат свој придонес во заедницата, да го засилат локалниот развој и да ја подобрат иднината на средината во која живеат. Ви благодарам на вниманието и се надевам дека низ дводневната програма на конференцијата ќе имате конструктивни сесии, дискусии и работилници од кои ќе произлезат важни заклучоци и иницијативи за подобрување на статусот на младите во нашата држава и поширокиот регион, истакна Станкоски во своето обраќање.

На дводневниот настан, кој го организира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), учествуваат повеќе од 50 млади од целиот регион. Тие дебатираат на теми за младинско учество на локално ниво, младински простори, мерки за млади во општините.

Целта на конференцијата е да се создаде простор за отворен дијалог и да се споделат регионалните знаења и искуства за поголемо инволвирање на младите во носењето одлуки, но и да се отворат прашањата за говор на омраза, почит кон разичностите, социјална вклученост, родова еднаквост и конструктивни наративи кај младите. Конференцијата се одржува како дел од регионалниот проект „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“, финансиран од Фондот за градење мир на Обединетите нации, кој го имплементираат УНДП, УНФПА, УНЕСКО и UN Women.

 

 

општина Охрид