АктуелноОхрид

(ВИДЕО) Запросување на плоштад во Охрид со „срце“ од мотори!

„Неговите очи беа исполнети со љубов и исчекување. Со растреперени раце и срце полно со емоции ме замоли да му бидам доживотна партнерка. Запросувањето со мотоциклите беше доказ за убавината на љубовта и за авантурите кои ни претстојат како пар“ – вели во изјава за CRNOBELO.com, Мерлинда, девојката чијшто свршеник ѝ приреди незаборавно запросување на плоштадот во Охрид.

На 11-ти Октомври 2023-та Оливер од Охрид ѝ приреди несекојдневно запросување на саканата Мерлинда. Клекна на едно колено, извади свршенички прстен, а на себе носеше маичка со натпис: „Marry Me“, додека неговите пријатели мотоциклисти обликуваа срце со мотоциклите околу нив.

Во изјава за CRNOBELO.com, Мерлинда открива повеќе детали за нив, но и за самиот чин на запросување, за којшто вели дека засекогаш ќе остане врежан во нејзината меморија.

Мерлинда (24) е архитект од Ресен и Оливер (23) е техничар за SMT технологија и мотосервисер од Охрид. Тие двајцата се страствени љубители на мотоцикли, а возбудата на отворениот пат секогаш ги зближува.

„Запросувањето се случи на 11 Октомври, беше едно огромно изненадување, беше момент кој ќе го паметам вечно, не само заради уникатниот амбиент, туку и поради љубовта и трудот што Оливер го вложи за да го направи незаборавен самиот чин“ – вели Мерлинда.

Како што раскажува, целиот настан таа воопшто не го очекувала, а очигледно е дека Оливер добро се подготвил затоа што во чинот му помогнале неговите другари мотоциклисти кои со мотоциклите формираа срце на плоштадот околу нив, а настанот бил овековечен од професионален фотограф и два дрона.

„Моментот кога партнерот клекна на едно колено ќе остане во мојата меморија како еден од најсреќните моменти во мојот живот, тој извади кутија со прстен и ја покажа маичката со натпис Will You Marry Me. Неговите очи беа исполнети со љубов и исчекување.

Со растреперени раце и срце полно со емоции ме замоли да му бидам доживотна партнерка. Не можев да ги задржам солзите радосници кога реков: „Да“.

Запросувањето со мотоциклите беше доказ за убавината на љубовта и за авантурите кои ни претстојат како пар“ – вели таа.

Инаку, Мерлинда открива дека нејзиниот свршеник идејата за ваков вид на запросување ја добил од тоа што е авантурист и секако љубовта спрема мотоциклите како најголема инспирација.

https://www.crnobelo.com/novosti/domasni/104572-nesekojdnevno-zaprosuvanje-vo-ohrid-motociklisti-napravija-srce-srede-ploshtad-i-oliver-ja-zaprosi-sakanata-merlinda

 

crnobelo.com