АктуелноОхрид

Обвинетиот за тепањето на Пендиков има воспаление на вените, Судот одби да му го врати пасошот за да се лекува во странство

Судскиот процес против охриѓанецот Илија Спасески, обвинет за тепањето на сограѓанинот Христијан Пендиков, денеска се одложи по вторпат затоа што обвинетиот не се појави на рочиштето во судот поради здравствени причини.

Неговиот адвокат Димитрија Цобоски пред судот претстави извештај од специјалист со вчерашен датум (11 јули), со дијагноза тромбофлебит, односно воспаление на вените, поради што на Спасески му е препишана 15-дневна терапија и домашно лекување, објави plusinfo.mk.

Бранителот побара од судот на неговиот клиент да му биде укината забраната да ја напушта земјата за тој да може да се лекува во странство, но судијата го одби барањето.

Оштетениот Пендиков, кој во Охрид доаѓа вторпат откако се лекуваше во Софија и откако доби бугарски пасош, се појави на рочиштето.

Ова е второ рочиште по ред кое се одложува. На претходното, адвокатите на обвинетиот го напуштија судењето и немаше услови за негово одржување.

Охридското Обвинителството поднесе обвинителен предлог против едно од лицата за кои се смета дека го претепаа секретарот на бугарскиот културен клуб „Цар Борис“ во Охрид.

Обвинителството го товари Спасески за физички напад, мотивиран од нетпреливост на етничка основа.

„На 19 јануари во кафе-бар во Охрид обвинетиот најпрвин пристапил до масата на која седел оштетениот и му забележал затоа што се изјаснувал како Бугарин. Подоцна, кога оштетениот го напуштил објектот и се движел кон своето возило, обвинетиот и другото непознато лице почнале да го следат, го нападнале и го удирале со рацете и нозете по главата и телото нанесувајќи му тешки телесни повреди. Во текот на истражната постапка сега обвинетиот се бранеше со молчење, но сите околности беа проверени и потврдени со изјави на сведоци на настанот и со обезбедените снимки од видеонадзорот“, соопшти Обвинителството.

На претходната седница Обвинителството ги презентираше сите документи за лекувањето на Пендиков во Бугарија и за повредите што му биле нанесени. Одбраната на Спасески тогаш побара време да ги проучи документите за да може да се произнесе за случајот, но судот тоа не го прифати, по што адвокатите на Спасески демонстративно ја напуштија судницата и судијата мораше да го одложи предметот.

Извор: plusinfo.mk