АктуелноОхрид

Кардиолошкиот завод располага со колектив за пример и пофалба како треба да се лекуваат и спасуваат човечките животи

Во мојата долгогодишна новинарска и публицистичка кариера сум регистрирал многу поединечни и колективни примери на активности и постигнувања во нашето општество. Секогаш во прв план сум ги истакнувал скромноста, работливоста и несебичноста, преку кои ги надминувале, поконкретно, постигнувале просечните успеси. За еден таков пример се одлучив да го свртам вниманието на читателите, особено на оние што се соочуваат со едно од најмасовните, но и тешки заболувања – работата на срцето („моторот“) на човечкиот организам. Не ѝ е непозната на јавноста здравствената установа Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања во населбата Свети Стефан, крај Охрид, објави novamakedonija.com.mk.

Минатата година оваа значајна здравствена институција (со професионален кадар од 30 доктори) го прослави својот 40-годишен јубилеј. Всушност, таа во 1980 година е основана како Центар за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања, но официјално свечено со работа е отворена на 25 април 1982 година, кога за основна дејност e воведена медицинска рехабилитација како продолжено лекување на пациенти од кардиоваскуларни заболувања.
– Нашата здравствена установа во текот на четиридецениското постоење претрпе неколку трансформации и дополнувања – вели д-р Елена Коваческа- Башуроска, директорка на болницата.

Така, од септември 1986 година, овој здравствен центар се преименува во Завод за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања. Од јуни 2006 година во Заводот започнува со работа Одделот за интервентна кардиологија, со што се овозможува продолжено лекување на пациенти со извршување процедури кај животозагрозувачки состојби, со кои на пациентите непосредно им се спасува животот.

– Сакам да дополнам дека од декември 2018 година нашата установа се трансформира од завод во Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања. Таа како јавна здравствена установа обезбедува комплетна кардиоваскуларна грижа за огромен број пациенти од целиот Југозападен Регион на нашата држава, во кој живеат повеќе од 220.000 жители. Како регионален кардиолошки центар, во својот континуиран стручен и професионален развој постојано воведува и усвојува нови дијагностички и тераписки процедури и методи, раководејќи се, пред сѐ, од потребите на нашите пациенти, а истовремено следејќи ги европските и светските препораки – појаснува д-р Коваческа-Башуроска.

Голем интерес, но и корист за кардиоваскуларната рехабилитација

Сведок бев на еден период од спроведената програма и активност на Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања. Исто така регистрирав дел од согледбите на стручниот персонал во центарот, а особено ги забележав исказите и впечатоците на повеќемина корисници (пациенти) на оваа реномирана здравствена институција. Но, кој се лекува и како се стигнува во Охрид, за да се почувствува користа од здравственото закрепнување на срцевите болни од Република Македонија во нашиот езерски бисер?

– За да пристигнат пациентите на третман во нашиот оддел за кардиоваскуларна рехабилитација треба да обезбедат решение од Фондот за здравствено осигурување на Македонија. А, за да се обезбеди тоа, потребно е до Фондот да се достават: специјалистички извештај или отпусно писмо со назначена терапија од здравствената установа со која ФЗОМ има склучено договор; конзилијарно мислење (препорака за клинички конзилиум), доколку е потребно, во согласност со режимот на пропишување на лекот во листата на лекови; образец на барање за остварување право на медицинска рехабилитација МР1 и наод, оцена и мислење од лекарска комисија. По сите обезбедени документи, пациентот се вклучува во програмата за рехабилитација што се спроведува во нашата установа. Таа програма е приспособена за секој пациент индивидуално, а подразбира: едукација (се одржуваат тематски предавања двапати во неделата во текот на целиот престој, кој трае 21 ден), двапати неделно се прави визита со доктор и медицински техничар, се извршуваат сите неопходни здравствени прегледи на пациентот, се спроведува редовен мониториран аеробен тренинг, а секако тука е и физичката активност (рекреација) крај плажите со чист воздух крај Охридско Езеро и ред други активности – објаснува д-р Коваческа-Башуроска.

 

Текстот во целост на: novamakedonija.com.mk.