АктуелноОхрид

Недела вечер – Седма солзна молитва

Како да стојам пред страшниот престол Твој, Господи, и осудата и разобличувањето на моите дела ја гледам, и Твојот прекор, кој од Твоето светло лице мене, бедниот, ме оддалечува, и во неподносливи маки ме фрла. И како што тогаш би те повикал, така и сега со страв и солзи кон Тебе повикувам: „Праведен си, Ти, Судијо, и праведен е судот Твој и никаква неправда не ми е направена. Добри и свети Ангели, пролевајте солзи за мене, бидејќи на себе самиот не се смилостивив, милоста Божја ја презрев, и на крајот на сосем оправдана казна се подложив. Господ милост ми покажуваше, а јас неразумно кон тоа се однесував, и сега Тој оправдано од мене се одвраќа“.

Ангелите тогаш, нормално, со гнев ќе речат: „Сега не е време за покајание, туку за отплаќање. Убедувањето сега нема никаква моќ, и солзите на покајанието се немоќни, бидејќи повеќе се оние од мака пролеани; сега не се слушаат непрестајните воздишки, туку непрестајна тага. Оди горка и тешка плата за своите дела прими, во пламенот како нечисто создание горејќи, и неизгасливата геена на ненаситните ѕверови и лутиот црв распалувајќи ги; наслади се како син на темнината, кој вечниот мрак го засака; весели се, гледајќи ги црните зраци, заради кои вечната светлина ја презре“. Таму, таму непрестаен плач ќе има и чкрипење на забите од болка. Тешко тебе, бедна моја душо, од сите добри дела соголена! Како ќе Го погледнеш непоткупливиот Судија, на Архангелите кои пред Него стојат и Го слават, и на земнородните, кои пред Него исто така разголени стојат? Сите тие од страшниот престол треперат, зашто Судот ќе биде без милост, за оние кои овде не правеле милост. Оф леле! Ќе воздивнуваш тогаш, душо, но ни глас, ни одговор ќе нема. Сè ќе се измени, сè поинакво ќе стане и ќе добие тажен изглед; ќе започне тогаш осмиот век. Праведниците вечно ќе се веселат и оние другите вечно ќе се мачат, зашто со ништо Бог на сè создадено не Го израдувале, и сега не се онакви какви што се покажувале. Овде, конечно, кон Бога да повикаме, зашто Он волјата Своја на луѓето им ја објавувал, со посредство на Своите светии.

Тебе сè Ти кажувам, Господи; на непотребниот слуга Свој прости му, моето бедно молење не презирај го; ги подавам осквернавените раце, не отфрлај ме мене, од страстите разгорениот, туку погледни на мене човекољубиво, со Твоето благоусрдно милосрдие; со сластољубие себе се осквернив, душевната убавина ја обесчестив, освоен сум од телесното мудрување, моето претходно достоинство го уништив, го послушав подмолниот непријател и идол од страстите направив, барањата на својот стомак ги исполнував, светлината на умот ја помрачив, и имајќи чест на вистинско синовство, на бесловесната стока се уподобив. Страв и трепет ме обзема кога ќе се сетам на смртта која незабележливо на секого се приближува, а јас останувам ист и не се поправам.

Од длабочината повикувам кон Тебе, Господи, Ти припаѓам, и со солзи воздивнувам. Биди милостив и човекољубив, само во Тебе сета своја надеж ја полагам. Дај да се избавам од гневот кој доаѓа и со осуда таму ми се заканува. Благоволи мојата душа скаменета плодна во добродетелите да се покаже. Безплодните мои помисли со огнот на Твојот Свет Дух очисти ги. Не посекувај ме како бесплодно дрво и во неизгасливиот оган не фрлај ме, правејќи од мене храна за огнот како слама, Боже мој, туку, како пченица собери ме. Колената на своето срце ги приклонувам јас окајаниот, не осмелувајќи се на небото да погледнам. Прими го молењето од нечистите усни, Создателу, единствен безгрешен.

Семоќен Цару на сите, Кој бунтовниот Велијар си го соборил, избави ме од секое безаконие. Ангелите и смртните празнуваат гледајќи го моето обраќање. Ги презрев Твоите живоносни заповеди, прелажен од гнасните дела. Не гади се, Владетелу добар, туку од ропството на лукавиот избави ме. Со срдечен страв Те смилостивувам Тебе, Кој доброволно си ме создал, и силно ме засака не барајќи ништо за возврат, така што заради мене си се овоплотил и смрт си претрпел. А сега јас, грешниот, како оној кој ја заборавил Твојата толкава љубов, Избавителу, се покажувам; цел станав роб на задоволства, телото и душата ги осквернив. Секој ден повикувам: ‘Згрешив’, а не престанувам зло да правам. Сега стојам пред тебе осуден, но, Благи, како милостив и човекољубив Бог, прошка за моите зли дела дарувај ми.

Богородице Дево, Мајко Божја, небесна врата и кивот, во Тебе надеж за спасение полагам, Владичице, не барајќи ништо за возврат, спаси ме.

Мноштво Ангели на небесата непрестајно за мене воздивнуваат, ненадејно да не биде земена душата моја, и да не стигнам до реката огнена. Страшните законодавци, Апостоли, кои со Судијата заседуваат, како и сопрестолните, мечоносни и застрашувачки Ангели, срцата на грешниците меѓу себе ги делат. Ќе заплаче тогаш сè што дише, тешко мене, на несреќите крај им нема. Сето ова душо моја избегни го, болката на блудницата, подржувајќи ја.

Избави ме тогаш, Спасителу, од заканите страшни на ужасните маки. Тебе непрестајно Ти пеат Херувимите и Серафимите кои летаат. Небесните полкови, служејќи Ти, Тебе Едниот во Троица Ти пеат. Ти, Отче, Светлино неродена, Го имаш собеспочетниот Својот Син, Го имаш совечниот Свој Дух, Кој на сите дух животен им дава; затоа што со милосрдие, добрина и благост си исполнет, по молитвите на мачениците, пророците, апостолите, преподобните и светите и нашите гласови прими ги, Оче небесен. Слава Тебе, Господи!

Бигордки Манастир