среда, ноември 27, 2024
АктуелноОхрид

40 години од смртта на Д-р Хелена Етингер Каваева -еден од основоположниците на македонската заштита на охридско-струшкиот крај и во Македонија

На денешен ден 2 февруари 1983. – Во Охрид умре д-р Елена Етингер Каваева, еден од основоположниците на македонската заштита на охридско-струшкиот крај и во Македонија, активен учесник во Октомвриската социјалистичка револуција во Русија, личен пријател на Ленин и помагач на НОВ во Македонија. Заедно со својот сопруг д-р Владимир Каваев влезе во енциклопедиите на медицинските науки. Родена е во Честахов, Полска, на 20 ноември 1903 година.

Охрид, средиште и крстопат на овој дел од Балканот, во својата многувековна историја дал бројни бележити луѓе, во разни области од животот. Нивниот придонес ги надминал и локалните рамки , па дури некои со своите дела, се вградиле во историјата и во светското културно наследство. Но, има и такви , кои дошле од далеку , токму во Охрид и сиот свој живот го вградиле во решавањето, надминувањето на тешкотиите и подобрувањето на севкупниот живот во Охрид и пошироката околија.

-Јас не учев и не дојдов тука за да печалам , ами да лекувам болни , да бидам од полза за народот…. рече во една пригода, пред многу години познатата докторка Каваева , која повеќе од педесет години работеше како како лекар во овој наш крај и остави неизбришливи траги зад себе, и се вброи меѓу основоположниците на современото здравство во Охридскиот крај, во нашата земја, а и на пошироките балкански простори. Тука, меѓу нас , д-р Хелена Етингер- Каваева, исклучителна жена хуманист, дојде пред повеќе од осумдесет години, од далечната Русија, придружувајќи го својот сопруг, исто така доктор, стружанецот Владо Кавај, инаку роден во Охрид, напуштајќи високи општествени позиции и блескава кариера за да бидат од полза на обичниот човек.

Д-р Хелена Етингер била родена во градот Ченстохова, денешна Полска, 1893 та , во семејството на фабрикантот Јузеф и Регина Етингер . Непредвидливи знаат да бидат патиштата животни, па судбината ја води Хелена Етингер на учење во Берн,па во Берлин, кадешто запишува студии по медицина, а кон крајот на 1913г. ја одбранува и докторската дисертација , па заминува во Санкт Петерсбург да полага државен испит. Таму ја затекнува почетокот на Првата Светска војна, па потоа и Октомвриската револуција. Талка , бара работа две цели недели живее само на вода топла и сув лебец . Конечно работа – на струката , лекар во 169-та Воена болница…и тука се запознава со нашиот Владо Кавај.

Ама викот на родниот крај се посилни од секакви пари , титули , богатства.. за Македонецот! Владо решил – тргнуваме за Македонија. И таму се потребни лекари. А што можела да рече младата лекарка – местото на жената ‘и е покрај мажот , и во добро , и во лошо…И по долги , предолги перипетии доаѓаат во родниот крај на Владо. За него….рај, за Хелена Етингер ново место, нови луѓе, други навики… Дури и свекорот на пречекот се пошегувал дека доаѓа од палата во куќа од клечки, плацки штици!

Најпрвин се населиле во Струга, каде заради блатото царувала маларијата, цревен тифус, разни болештини, умирачки….Го набавуваат првиот багер, ја отвораат првата станица за лекување од маларијата. Откако ја искоренале во 1927 преминуваат во Охрид. И тука ја отвораат првата здравствена станица!

Кога животот фатил посмирен тек, над младата брачна двојка се надвиваат темни облаци. Прекумерната работа и желба да се постигне што е можно повеќе во несебичното помагање на другите, кобната болест го разјадува здравјето на Владо. Набрзо ‘и подлегнува на безмилосната судбина, оставајки ја младата вдовица со единствената малолетната рожба, во сосема за неа туѓа средина, без нигде никого. Трагедијата не ја поколебува оваа самохрана мајка во нејзината хумана мисија, уште повеќе сили ‘и дава да се бори…и останува во Охрид. Сиот свој натамошен живот, повеќе од половина век, со несмален жар го посветува не само во лекувањето ами и просветувањето на жителите од овие наши краишта. Пред шеесет години го отвора првиот детски диспанзер, работи по дванаесет-четиринаесет часови дневно…. Лекува секого- и деца и старци,без разлика на националност,вера, полова припадност или социјална и материјална положба…лекува и по куќи. Бесплатно!

Д-р Елена Етингер – Каваева почина во 1983-та година.

 

извор: mn.mk