АктуелноОхрид

„Суратите се спремни“ почнува Вевчанскиот карневал 2023

Дефилето на креативните василичари, традиционално почнува утре, околу 14 часот од влезот на селото, движејќи се кон центарот на Вевчани каде го вртат василичарското оро. Го предводат зетот, невестата, глупавиот Август и ѓаволите, сите со своите симболики. Зетот и невестата за плодност, продолжување на семејството, додека ѓаволите се обидуваат да го победат човекот. Најтешка задача со своите карактеристични крикови имаат глупавите августи, кои како заштитници околу зетот и невестата замавнуваат со кожи од животни, кои честопати завршуваат и по толпата која љубопитно гледа какви маски ќе продефилираат и ужива во магијата на хуморот и сатирата. Веднаш зад нив се и останатите маски.

Маските со својата оригиналност и неповторливост ги изработуваат рачно со современи материјали, но користат и кожи од животни што е дел од традицијата, а некогаш дури и животни.

Организирани во две групи, Долна и Горна маала и годинава се очекува на сатиричен начин да ја отсликаат годината што измина. Преку својата креативност да ги исмејуваат случувањата, пред сè во државата, но нема да ги заборават ниту светските позначајни настани. Низ годините на тапет биле видни имиња од претседатели на држави, премиери, пратеници…, но за содржината на маските не се лутеле, иако пред две години дипломатски скандал предизвика палењето на бугарското знаме, а имало реакции и за маски во кои учествувале живи или усмртени животни.

Ревносни на традицијата, вевчанци направија спој со модерното и карневалот стана туристичка атракција, каде покрај посетители од соседните населени места и државата, доаѓаат гости и од странство. Со звуците на зурлите и тапаните ќе ги бркаат лошите духови, за да ја пречекаат прочистени и среќни Новата година, според јулијанскиот календар. За поголема афирмација и поголема посетеност се организира дводневна музичка програма. За забавата вечер се задолжени рок и поп-бендовите: ГИГ ОФФ (Сашко Гигов-Гиш и пријателите), Венко Серафимовски и Прпл цепелин, реге-бендот – БРУКА, ДНК, Ласт експедишн, Фиц и Студени нозе. Утревечер, пак, присутните ќе уживаат во звуците на народната музика интерпретирана од Баклава, Банда Ентопика од Грција, Нино Величковски и Кумановските тамбураши, Некст тајм и Перо Бели.