Министерството за локална самоуправа заедно со седум центри за развој на планските региони потпишаа договори за финансирање на развојни програми во рамките на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој – Фаза 2“, финансиран од Владата на Швајцарија.
Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов информираше дека денеска отпочнуваат седумте проекти, кои се дел од грантовата шема на Швајцарската амбасада и проектната единица што тие ја имаат кај нас, со која, меѓу останатото, ќе се врши реконструкција на Кардиологија во Охрид, на Нефрологија во Струга и на Институтот за белодробни заболувања во Преспа.
– Имаме противпожарни возила во Куманово, фотоволтаици на училиштата во Радовиш, отвораме Центар за кучиња скитници во Кавадарци и серија други проекти со кои на регионите им помагаме во разрешување на нивните најитни потреби, истакна Пенов.
Министерот информира и дека со швајцарската амбасадорката во земјава, Вероник Улман се договара оваа шема да продолжи и идната година со уште една ваква донација со која проектите ќе се насочат кон енергетската ефикасност на општините.
Амбасадорката Улман, од своја страна, рече дека Швајцарија е посветена да ја поддржи децентрализацијата во Северна Македонија и заедно со Министерството за локална самоуправа го започнуваат токму Проектот за рамномерен регионален развој кој има за цел да ги намали разликите помеѓу регионите.
– Знаеме дека има уште многу работа во процесот, нашиот придонес е можеби мал, но сепак е придонес со кој овие седум проекти имаат различни тематики кои ги адресираат, односно енергетска ефикасност, зелени решенија, стационар за кучиња, како и некои проекти кои се однесуваат на здравството, го адресираат токму регионалниот развој и ќе имаат мал придонес всушност да се адресираат потребите на граѓаните, изјави амбасадорката Улман.
Таа додаде дека Швајцарија останува посветена да ја поддржува земјава во процесот на децентрализација и регионален развој.
Вкупната вредност на седумте проектите е 2.377.277 швајцарски франци, за кои учеството на Министерството е 54 проценти, додека на швајцарската Влада е 46 отсто.
Проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој – Фаза 2“ го имплементира Министерството за локална самоуправа заедно со швајцарската Агенција за развој и соработка. (Крај)
извор: Zoom