АктуелноОхрид

Штрајкот во „Пошта“ ставен во мирување – платата за септември да се исплати најдоцна до задутре

Протестот во националната Пошта да се стави во мирување, платата за септември да се исплати најдоцна до задутре, а за наредните месеци да се исплаќа во законски предвидениот рок, до 15-ти во месецот, договориле денеска на средба министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорт на Пошта Васко Стефанов со претставници на синдикалните организации во поштенското претпријатие Боро Велигденов и Младен Стојановски, придружувани од претседателот на ССМ Дарко Димовски.

За исходот од средбата преку соопштение информираше Министерството за транспорт и врски, а Велигденов и Стојановски за МИА потврдија дека протестот се става во мирување, но најавуваат дека доколку не се исполни договореното ќе ја активираат најавата за генерален протест пред Владата.

Министерството за транспорт на средбата се обврзало да достави информација до Владата и на наредната владина седница да стави точка на дневен ред со која се дава задолжение до сите државни институции да ги користат услугите на АД Пошти на Република Македонија, согласно со измените во Законот за поштенски услуги.

Според обврските и иницијативите што произлегле од средбата, се задолжува АД Пошта да направи план за намалување на непродуктивните расходи, рационализација согласно со препораките на Владата, а нејзиниот Управен одбор да започне со изготвување нова систематизација и нова реонизација за максимална продуктивност на вработените.

– Владата на Република Македонија ќе го следи целокупниот процес на реорганизација, рационализација и оптимизација на работењето на АД Пошти на Република Македонија, процес кој ќе започне веднаш и ќе трае до 31 декември 2022 година. Ќе препорача на Агенцијата за пошти да продолжи со надзор и контрола на поштенскиот пазар над правни субјекти кои немаат добиени општо овластување за обезбедување на поштенски услуги издадено до Агенцијата за пошти.Со ваквите завземени ставови протестот се става во мирување и засегнатите страни се обврзуваат на взаемна поддршка за почитување на обврските, наведе ресорното Министерство во соопштение.

Како што изјави претседателот на синдикатот на Македонска пошта Велигденов, со оглед на фактот дека се прифатени сите барања, синдикалните организации го ставаат во мирување предупредувачкиот протест и најавениот генерален протест што беше најавен за в сабота пред Владата.

На средбата се прифатени нашите ставови и барања. Ако не се почитуваат роковите за исплата на платите ќе има генерален протетест. Договорено е и во сите процеси во насока на реорганизација и реформирање на друштвото да биде вклучена Владата, изјави Велигденов.

Министерот Бочварски, според соопштението, ја потенцирал поддршката од ресорното Министерство и Владата и посочил дека само со заеднички заложби на сите инволвирани страни ќе можат да се подигне квалитетот на поштенските услуги во насока на повторно стекнување доверба кај граѓаните во АД Пошти на Македонија, стои во соопштението.

Вработените во националната „Пошта“ пред една недела почнаа со секојдневни предупредувачки протести барајќи првенствено исплата на платата за септември. Протестите се одржаа во тек на паузите во подружниците на поштенското претпријатие во подружниците во Скопје и низ државата.

фото: Архива