АктуелноОхрид

Адвокатот Менкиноски поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценка на уставноста на програмата за работа и статутот на здружението „Цар Борис Трети“

Адвокатот Тони Менкиноски поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценка на уставноста на програмата за работа и статутот на здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид.

Во поднесената иницијатива се наведува дека „неспорно може да се утврди оти програмата и статутот на здружението се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Македонија и разгорување на национална и верска нетрпеливост“, објави Република.

Во прилог на иницијативата се посочува и историскиот факт оти цар Борис Трети бил соработник на Адолф Хитлер што ја придружил Бугарија на Тројниот пакт на нацистичка Германија, фашистичка Италија и Јапонија, за што како награда ги добил териториите на Вардарска, Егејска Македонија и Тракија.

Се истакнува и депортацијата на 11.363 Евреи од Македонија, Тракија и југоисточните делови на Србија во текот на Втората светска војна, извршена од страна на Бугарија, при што Македонија загубила 7.144 Евреи.

Како неспорен историски факт е наведена и окупацијата на Македонија од страна на фашистичка Бугарија на 19 април 1941 година, при што на чело со цар Борис Трети донесен е акт за промена на македонската националност во бугарска.

Во прилог на барањето се додава и праксата на Европскиот суд за човекови права која покажала многубројни случаи во кои негирањето на фашизмот и Холокаустот поттикнуваат омраза и нетолеранција.

Со поднесената иницијатива на Менкиноски кој е правен застапник на Македонците од Бугарија пред судот за човекови права во Стразбур, се бара поништување на програмата и статутот на здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид.

Борис Трети, чие цело име е Борис Клемент Роберт Марија Пиj Станислав Сакскобургготски, станува „цар на Бугарите“ на 3 октомври 1918 по абдикацијата на неговиот татко Фердинанд, по поразот на Бугарија во Првата балканска војна.

По водство на Борис Трети, кој во бугарската историографија е познат како „Царот обединител“, Бугарија се приклучува кон Тројниот пакт на нацистичка Германија, фашистичка Италија и милитаристичка Јапонија. Тој во април 1941 година дозволува германските сили од територијата на Бугарија да извршат агресија врз Кралството Југославија, по што за награда добива територии од распаднатата југословенска држава и Грција, вклучително и голем дел од денешна Македонија. Умира неочекувано на 28 август 1943 година, набрзо по неговата посетата на Хитлер. Него на престолот го наследува син му Симеон Втори, кој останува на чело на бугарската држава до септември 1946 година, а кој од јули 2001 до август 2005 година беше премиер на Бугарија, под името Симеон Сакскобургготски.

Во петокот во Охрид, беше отворен бугарски културен клуб што го носи името на Цар Борис Трети, што беше проследено со големо незадоволство во македонската јавност. За време на отворањето имаше и протести, организирани од партијата Левица, за кои поддршка даде и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Отворањето на клубот со такво името го осудија од еврејската заедница, како и од партиите и од функционерите на власта.

извор: Република.