Во Охрид почнаа конзерватоско-реставраторските активности на фрескоживописот во црквата Света Богородица Болничка, што е дел од годишната програма на националната установа Завод и Музеј – Охрид.
Директорката на институцијата Катерина Велкоска информира дека црквата, која се наоѓа во центарот на Охрид, во близина на Долна порта, датира од 14 век.
Според неа, фресоживописот се смета дека е насликан околу 1370 година, но низ вековите претрпел измени.
За црквата Света Богородица Болничка значајни се двата слоја на фрескосликарството. Постариот од 14 век и пресликувањата, кои настанале во 1834 година. Со поголеми конзерваторски работи, кои се одвивале 1959-60 – та година, вториот слој е изваден и е прикажан на посебна подлога и на држачи независно од архитектурата на црквата – истакнува Велкоска.
Оштетувањата на фрескосликарството на црквата, според Никола Патчев, магистер по конзервација и реставрација, биле предизвикани од влагата која транспортира соли врз фреските.
Основниот проблем кој што се јавува во црквата е влагата од северната и источната страна, настаната од дожд. Повлекувањето на влагата од темелите се води како капиларна и другата е дождовна влага, која се залива по ѕидовите, каде предизвикала оштетување – појаснува Патчев.
Тој додава дека црквата припаѓа на малите еднокорабни духовни храмови од 14 век, а стариот фрескоживопис е дело на непознат локален зограф.
Црквите Света Богородица и Свети Никола, која е наоѓа веднаш до неа, охриѓани ги нарекуваат болнички, бидејќи во средниот век таму постоела болница, која се користела и како карантин за време на епидемии.
извор: Република