Охрид

Портрет на лауреатот на СВП во црквата Света Софија во Охрид

– Поетите од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2022 година, денеска ќе имаат поетски читања во рамките на 61. издание на фестивалот Струшки вечери на поезијата.

Годинашен добитник на наградата е збирката „Збунети компаси“ на македонскиот поет и книжевен преведувач Зоран Анчевски, а во потесен круг беа и книгите „Секој секому огледало“ од Андреј Ал-Асади, „Политики на стравот“ од Славица Гаџова-Свидерска, „Чинук“ од Ристо Лазаров и „Капе времето“ од Виолета Танчева-Златева. На програмата се и поетски читања со интернационална поезија на учесниците, а ќе биде претставен и добитникот на наградата „Стојан Христов” за 2022 година. Во предворјето на црквата „Света Софија“ во Охрид предвидено е да се одржи традиционалниот поетски портрет на лауреатот на „Златен венец“ на СВП за 2022 година, јапонскиот поет Шунтаро Таникава. Тој поради возраста не присуствува на Фестивалот, а „Златниот венец“ во негово име ќе го прими неговиот син Кенсаку Таникава.

Годинашното издание на СВП се одржува под мотото „Ритам на стихот, ритам на животот“, на кое присуствуваат над 20 поети од странство и 30-ина од државата. Свеченото затворање на фестивалот, традиционално ќе биде утре на Мостот на поезијата, со традиционалното поетско читање „Мостови“ и врачување на наградите „Златен венец“,„Браќа Миладиновци“ и наградата „Мостови на Струга“ која Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО ја доделуваат за најдобра дебитантска книга.

 

МИА