АктуелноОхрид

Потпишан меморандум за соработка помеѓу општина Вевчани и АППТ

Во просториите на општина Вевчани градоначалникот Спасе Кочовски и директорот на АППТ д-р Љупчо Јаневски потпишаа меморандум за соработка и дејствување во областа на туризмот. Со тоа локалната самоуправа и Агенцијата за подршка и промоција на туризмот се обврзаа дека ќе работат на афирмација и креирање на услови за развој на туризмот.

Потписниците се обврзаа дека заеднички ќе делуваат и меѓусебно соработуваат преку размена на искуства и најдобри практики, како и учество во настани и активности од заеднички интерес. Подготовка, развивање и учество во заеднички проекти и истражувачки активности како и организирање трибини, советувања и други настани за развивање и промоција на туризмот.
На средбата од страна на директорот на АППТ, д-р Љупчо Јаневски беше посочена неопходната промоција на туристичките потенцијали со кои располага Вевчани сместена под падините на Јабланица на туристичките саеми надвор од државата, одржување на трибина за развој на руралниот туризам, категоризација на туристичките сместувачки капацитети со кои располага општината и нејзино мотивирање преку туристичка такса да се уредуваат и издаваат и други објекти за привлекување на што поголем број на туристи.

Исто така беше истакната и потребата од изградба на информативни табли на кои ќе ги има најзначајните места, објекти и локалитети со кои располага општина Вевчани.

Потврдувајќи ја потребата од меѓусебна соработка заради активно унапредување на туризмот, преку формирање на заедничка туристичка понуда, збогатување на туристичките содржини и нивна промоција, Aгенцијата за промоција и поддршка на туризмот и Општина Вевчани се согласија да бидат потписници на овој меморандум.
Согласно меморандумот страните потписнички на овој меморандум ќе работаат на исполнување на билатерално утврдените цели кои се во рамки на законските надлежности на двете институции.
Страните потписнички на овој меморандум ќе воспостават поволна клима за инвестиции во областа на туризмот, преку поддршка и давање препораки, проширување на мрежата на соработка со други институции како и меѓусебно информирање за постигнатите резултати произлезени од сите видови на туризам (културен туризам, рурален туризам, еко туризам, гастрономски, манифестациски, конгресен, организиран и индивидуален туризам итн).
Воедно ќе ги разменуваат сите информации, вклучувајќи ги и статистичките податоци од областа на туризмот, ќе придонесат во размена на искуство во областа на стручно усовршување на персоналот од туристичката индустрија преку учество и организирање на работилници со цел подигнување на интелектуалниот капацитет и човечките ресурси на двете институции.

Страните потписнички ќе се заложат да создадат нови туристички производи, но и во подобрување на политиките и развојот на приватниот сектор во туризмот. Соработката ќе придонесе кон поорганиизрано искористување на туристичките потенцијали на општина Вевчани, што овозможува зголемен број на домашни и странски туристи, следствено зголемени приходи во општината по основ – туризам.
Целокупната имплементацијата на активностите договорени во овој Меморандум ќе биде следена и подржана од директорот на Агенција за промоција и поддршка на туризмот и градоначалникот на општина Вевчани.

извор: АППТ