недела, ноември 24, 2024
АктуелноОхрид

Притвор за охриѓанецот кој пренесувал над 86 килограми марихуана по патот Прилеп-Градско

Основното јавно обвинителство Прилеп донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1, како и – Спречување на службено лице во вршење службено дејствие од член 382 став 3 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.

На 31 мај, осомничениот 24-годишник од Охрид, по магистралниот пат Прилеп-Градско пренесувал 86,11 килограми наркотична дрога марихуана, наменета за натамошна продажба. Дрогата ја сместил во четири патни торби, на задното седиште од автомобилот, па во близина на бензинска пумпа на излезот од Прилеп бил сопрен од полициски службеници. Кога се обиделе да извршат контрола, со употреба на сила, тој ги спречил службените лица. На даден знак, тој најпрвин го запрел возилото, а кога полициските службеници се доближиле да го проверат неговиот идентитет и сообраќајните документи, нагло со големо забрзување се дал во бегство, возејќи во правец кон полицајците. За да го избегнат ударот, тие скокнале на страна, а осомничениот со автомобилот удрил во службеното полициско возило и во уште еден автомобил во близина. Потоа продолжил да вози кон Градско и кога пристигнал кај местото викано „Ленишки мост“, запрел и започнал од автомобилот да ги исфрла торбиците со дрога. Полициските службеници го забележале, го совладале и го лишиле од слобода.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Прилеп достави предлог за определување мерка притвор, оценувајќи дека постои опасност осомничениот да се даде во бегство и да се обиде да ги прикрие трагите од извршеното дело. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.

извор: обвинителство

фото: МВР