недела, ноември 17, 2024
АктуелноОхрид

На пат кон медали: „Акватика Јахтинг“ иницира донаторска акција за набавка на половно патничко комбе за потребите на клубот

Од Здружението за спортско едрење „Акватика Јахтинг“ од Охрид иницираат донаторска акција за набавка на половно патничко комбе за потребите на клубот.

Како и повеќето спортски клубови водени од ентузијазмот и љубовта кон самиот спорт, и Едриличарскиот клуб „Акватика Јахтинг“ од Охрид се соочува со потреба од дополнителни финансиски средства за набавка на половно патничко комбе (8+1 верзија) за настап на регати во земјата и странство, ја објаснуваат основната идеја на акцијата од клубот.

– Од исклучителна важност во градење на успешни млади спортисти, мотивирани натпреварувачи и учење преку размена на искуства е постојаното натпреварување и учества на домашни и меѓународни регати. Комбето ќе се користи исклучиво за транспорт на деца-натпреварувачи од Школата за едрење кои едрат во класите Оптимист, ILCA 4, класата 470, на регати во земјата и странство, потенцираат од „Акватика Јахтинг“.

Додаваат дека биле извршени детални анализи на пазарот за цена на чинење на половни патнички комбиња во земјата и странство и биле консултирани неколку увозници на половни патнички комбиња, но и авто салони.

– Според нив е утврдена најниска сума од 450.000 денари потребна за набавка на половно патничко комбе (8+1 верзија на седишта), со вградена еуро кука за влечење и со ЕУР стандарди за издувни гасови. Трошоците за регистрација и зелен картон, како и понатамошно тековно одржување ќе ги сноси ЕК „Акватика Јахтинг“. Направени се и дополнителни анализи и пресметки според кои, доколку во наредните 5 години, вклучувајќи ја и тековната, се изнајмува комбе за настап на регати во земјата и странство, ќе бидат потребни околу 45.000 евра. Оваа огромна сума, која може да се заштеди со набавката на половно комбе, ќе може да се намени за купување на опрема и едрилици за младите едриличари да можат да бидат конкурентни на регатите со своите врсници од цела Европа, но и во светски рамки, информираат од „Акватика Јахтинг“.

Нивната донаторска акција можете да ја поддржите ОВДЕ.