АктуелноОхрид

Мултилатерална работна средба на директори на полиции во Охрид

“Нашата денешна заедничка средба е доказ за меѓусебната убеденост во важноста од унапредување на регионалната соработка, што претставува еден од нашите главни приоритети. Придонесувајќи кон регионалната безбедност, придонесуваме за стабилност и на нашите земји и на земјите од регионот, а тоа се пресликува и на глобално ниво“.Ова, меѓу другото го истакна директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, м-р Сашо Тасевски во воведното обраќање на почетокот од мултилатералната работна средба на која присуствуваат директорите на полициите од Република Северна Македонија, Република Црна Гора и Република Босна и Херцеговина, што во организација на нашето МВР денес се одржува во Охрид, а посветена на регионалната соработка и партнерство во областите од безбедноста.
Директорот Тасевски нагласувајќи го фактот дека БЈБ при МВР остварува полициска соработка со службите за спроведување на законот на земјите од Западен Балкан и пошироко, посочи дека – “ на сите ни е повеќе од јасно дека заканите од криминалот се променливи, динамични, асиметрични и комплексни безбедносни појави и токму затоа, сите ние сме отворени и убедени во предностите од регионалната и меѓународната соработка во борбата против сериозниот и организираниот криминал“.

Нотирајќи дека БЈБ при МВР на Република Северна Македонија високо ја цени регионалната и меѓународната полициска соработка, особено преку учеството и ефективната работа во рамки на Асоцијацијата на шефовите на полициски служби на Југоисточна Европа (СЕПКА), директорот Тасевски го изрази своето уверување дека во рамките на овој мултилатерален работен состанок, преку отворен разговор за сите безбедносни предизвици ќе се креираат нови конкретни предлози и идеи за справување со истите.