Основното јавно обвинителство Охрид донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 24-годишен од селото Белчишта во Општина Дебрца, поради основано сомнение дека е причинител на тешката сообраќајна несреќа што ноќеска се случи кај Охрид.
Поведувањето на постапката следи откако јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Охрид, во координација со увидна екипа од МВР, изврши увид на самото место на сообраќајна несреќа што се случи рано изутринава 35 минути по полноќ на магистралниот пат Охрид-Кичево, во близина на селото Подмолје.
Осомничениот, управувајќи патничко моторно возило „Ауди А6“ со охридски регистарски ознаки, не се придржувал на условите на патот, не ги почитувал сообраќајните прописи и во видно алкохолизирана состојба, преминал во лентата од коловозот наменета за движење возила од спротивна насока.
Притоа тој со возилото удрил во возило „Фолксваген поло“, управувано од 30-годишно лице од Охрид, кое силината на ударот се здобило со смртни повреди.
Според Јавното обвинителство, постои основано сомнение дека тој е сторител на кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.
Веднаш по увидот, јавниот обвинител издал насоки и наредби за прибирање на траги од местото на настанот, за утврдување на количество на алкохол во крвта на осомничениот, за сообраќајно – техничко вештачење, како и за обдукција на телото на починатиот.