АктуелноОхрид

Издеглавје – местото каде што пред 83 години беа поставени темелите на самостојното организирање на македонската црква

На 21 октомври 1943 година, во селото Издеглавје, во Дебрца, се одржал Првиот свештенички собир на македонското православно свештенство на слободната територија. Настанот се вбројува меѓу значајните моменти во поновата историја на Македонската православна црква, бидејќи претставувал важен чекор кон самостојно уредување на црковниот живот.

Во тешките воени услови од 1943 година, македонските свештеници се собрале во Издеглавје за да разговараат за организацијата и управувањето со црковните прашања на ослободената територија. На собирот биле донесени одлуки со кои се поставиле основите за организирање на црковната администрација, а било формирано и архијерејско намесништво со девет парохии. За прв намесник бил избран свештеникот Антим Поповски.

Собирот имал значење и за афирмирањето на македонскиот јазик во црковниот живот, како и за поврзувањето на свештенството со стремежите на македонскиот народ во борбата за слобода. Одлуките донесени во Издеглавје станале дел од историскиот процес на црковно осамостојување и возобновување на традицијата на Охридската архиепископија.

Меѓу свештениците поврзани со овој историски настан се Вељо Манчевски, Кирил Стојаноски, Антим Попоски, Матеј Попоски, Томе Попоски, Зафир Јовановски, Ристо Тасески, Ламбе Попоски и други народни свештеници кои учествувале во организирањето на црковниот живот во воените услови.

Повеќе од осум децении подоцна, Издеглавје останува значајно место во македонската црковна историја. Споменот на собирот од 1943 година потсетува на улогата на свештенството во зачувувањето на духовниот идентитет и во создавањето услови за самостојно организирање на Македонската православна црква.