Парламентот на Албанија ја усвои новата административно-територијална реформа со 85 гласа „за“, со која се предвидува намалување на бројот на општини во земјата од 61 на 46. Реформата, предложена од Социјалистичката партија, предвидува спојување на 15 општини со други локални единици, со цел реорганизација на локалната самоуправа.
Во новата административна поделба, општина Пустец останува самостојна општина и не е меѓу локалните единици опфатени со најавеното спојување. Ова е значајно за жителите на областа Преспа, бидејќи Пустец е општина со специфични национални, културни и јазични особености, во која живее македонско малцинство.
Со новата организација Албанија ќе ги задржи 12-те окрузи, а територијата ќе биде поделена на 46 општини, 71 град и 387 административни единици.
Се очекува локалните избори во 2027 година да се одржат според новата административно-територијална поделба.
Усвојувањето на реформата беше проследено со тензии во албанскиот парламент. Пратениците на Демократската партија остро реагираа за време на седницата, а дел од нив фрлаа предмети кон премиерот Еди Рама, кој пристигна во салата непосредно пред почетокот на гласањето.
За Пустец, останувањето како посебна општина е особено важно за локалното управување и зачувувањето на специфичниот идентитет на областа Преспа.
vesnik-ilinden.com


















