АктуелноОхрид

Претставници од Слатино на средба со Дебарско-кичевскиот митрополит Георгиј

Претставници од село Слатино денеска остварија средба со Неговото Високопреосвештенство, Дебарско-кичевскиот митрополит Георгиј, при што беа срдечно пречекани и примени од страна на владиката.

На средбата претставниците од Слатино ги споделиле своите идеи, желби и размислувања, насочени кон зачувување и унапредување на верата, традицијата, духовноста и културното наследство на селото.

Средбата, како што посочуваат претставниците од Слатино, за нив претставувала особена чест и драгоцено искуство. Тие изразија благодарност до митрополитот Георгиј за издвоеното време, вниманието и поддршката, како и за мудрите совети и благословот што им биле дадени.

„Нашите идеи можеби се скромни, но се водени од искрена љубов, почит и желба да придонесеме за зачувување на нашата вера, традиција, духовност и прекрасното наследство што ни го оставиле нашите предци“, велат претставниците од Слатино.

Тие додаваат дека ваквите средби со луѓе кои со својата посветеност и духовна мудрост го чуваат и продолжуваат наследството на претходните генерации, претставуваат значајни моменти кои остануваат трајно запаметени.

Од Слатино упатија благодарност до Дебарско-кичевскиот митрополит Георгиј за топлиот пречек, гостопримството и времето посветено на нивните идеи и иницијативи.

Со молитвени желби за здравје, сила, мудрост и долг живот, тие му упатија порака на владиката:

„На многу години, Владика! Со Божја помош и благослов, со вера, љубов и единство да продолжиме напред.“