Како да создадеме туристички доживувања во кои навистина може да ужива секој, без оглед на возраста или физичките ограничувања? На ова прашање ќе се фокусираат Инфо деновите на проектот AdvenTour II – „Достапна авантура преку границите“, кои ќе се одржат денес, 19 август, во Струга, со почеток во 13:00 часот на „Пливалиште“ и во 14:00 часот во извидничкиот камп „Крсте Јон“, како и утре, 20 август, во Охрид, со почеток во 13:00 часот на базенот „Атина Бојаџи“ и во 17:00 часот на Пристаниште Охрид.
Проектот ги поврзува Македонија и Грција во заедничка иницијатива за развој на попристапен, инклузивен и одржлив туризам, со посебен фокус на лицата со попреченост и лицата со намалена подвижност.
Инфо деновите ќе бидат можност за граѓаните, туристичките работници, локалните организации, институциите и другите релевантни чинители да дознаат повеќе за проектот, неговите цели и активностите што во следниот период ќе се реализираат во Охрид, Струга и Нимфео, но и да се вклучат во нив.
AdvenTour II има за цел да придонесе кон создавање туристички дестинации каде пристапноста не е само инфраструктурно прашање, туку составен дел од целокупното туристичко искуство. Во рамки на проектот се предвидени активности за подобрување на пристапноста на туристичките локации и доживувања, обезбедување адаптирана опрема, како и обуки, менторство, практично учење и размена на искуства наменети за туристичките работници и другите чинители.
„Пристапниот туризам не значи само отстранување на физичките бариери. Тој значи создавање можност секој посетител да се чувствува добредојден и да може целосно да го доживее местото што го посетува“, е една од клучните пораки на иницијативата.
Инфо деновите ќе отворат простор и за разговор за можностите што ги создава прекуграничната соработка меѓу Македонија и Грција. Преку размена на знаење, искуства и добри практики, проектот има амбиција да придонесе кон развој на туристичка понуда која е попристапна, поинклузивна и поконкурентна.
AdvenTour II – „Достапна авантура преку границите“ го спроведуваат YMCA Thessaloniki, Greek National Tourism Organisation, Општина Охрид, Мрежата за рурален развој на Северна Македонија и Скаут асоцијација „Крсте Јон“ – Струга.

















