Со гордост и огромна радост споделуваме дека Гимназијата „Св. Климент Охридски“ – Охрид беше дел од наградените на 63. Драмски аматерски фестивал во Кочани!
Наградата за најдобра машка епизодна улога му беше доделена на Мартин Мацкоски за улогата на Козимо во претставата „Перфектни странци“.

Но, оваа награда е успех на целиот тим — на сите млади актери-ученици кои во претставата се внесоа со срце, душа и огромна љубов кон театарот. Токму таа искреност ја претвори сцената во емоција што се памети.
Горди до небо!
Претставата се подготвуваше под режија и менторство на професорката по Драмска уметност и Македонски јазик и литература, Ирена Бачиќ, но оваа радост денес им припаѓа на сите — на секој ученик што ја остави својата емоција на сцената, на секој поглед полн трема, љубов и храброст. Токму затоа овој успех има посебна тежина — затоа што е создаден со срце, истакнуваат од охридската гимназија.















