Во духот на солидарноста и меѓусебната почит, Египќанската заедница од Охрид организираше ифтарска вечера на која присуствуваа бројни гости, припадници на заедницата, како и претставници на локалната власт и верските институции.

На настанот присуствуваа и претставници на Исламска верска заедница, меѓу кои и муфтијата од Охрид, како и други општествени претставници.

Пред присутните се обрати градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, кој ја поздрави иницијативата за организирање на заедничка ифтарска вечера и ја истакна важноста од меѓусебна почит, соживот и соработка меѓу сите заедници во градот.

Свое обраќање имаше и Ариф Калгури, кој нагласи дека ваквите средби се можност за зајакнување на заедништвото, меѓусебното разбирање и почитта меѓу граѓаните.

Организаторите посочија дека ифтарската вечера има за цел да ја поттикне меѓусебната соработка и да испрати порака за заедништво, почит и солидарност во текот на месецот Рамазан.












