Двата македонски аеродроми – Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид – во јануари 2026 година опслужиле 289.584 патници, при што биле реализирани вкупно 2.009 летови.
Споредено со јануари 2025 година, патничкиот сообраќај бележи раст од 31 процент, додека бројот на реализирани летови е зголемен за 10 проценти. Податоците потврдуваат континуиран раст и стабилност во авио-секторот на почетокот од годината.
Охрид со пет активни линии во зимскиот период
Во рамки на зимскиот ред на летање, од охридскиот аеродром се реализираат летови до пет европски дестинации – Цирих, Базел, Дортмунд, Виена и Меминген, преку три авиокомпании.
Иако Wizz Air најави укинување на линијата Виена–Охрид од 15 март, градот нема да остане без врска со австриската престолнина. Од 17 мај, „Аустријан ерлајнс“ ќе воведе редовна линија на оваа релација.
Со почетокот на летниот распоред на 17 март, Wizz Air ќе воспостави нова линија од Братислава до Охрид, со три летови неделно.
Нови дестинации од крајот на март
Од 30 март се воведуваат три нови авиолинии од двата аеродрома во земјава.
Од Скопје, Wizz Air ја обновува редовната линија до Будимпешта и истовремено отвора нова линија кон Неапол. Во истиот период, од охридскиот аеродром ќе започнат летови кон Милано.
Позитивните бројки и проширувањето на мрежата на дестинации укажуваат на засилен интерес и зголемена мобилност на патниците.











