АктуелноОхрид

Теренска акција за садење нативни дрвенести садници на Белчишкото Блато

Во среда, 24 декември 2025 година, на границата со опфатот на Белчишкото Блато, близу селото Белчишта, ќе се реализира теренска акција за садење нативни дрвенести садници, како практична мерка за превенција од пожари и заштита на чувствителни природни подрачја.
Во активноста ќе учествуваат ученици од ООУ „ДЕБРЦА“ – с. Белчишта, Општина Дебрца, како и ученици од ОУ „Кочо Рацин“ – Охрид, заедно со претставници на локалната самоуправа, противпожарните служби и граѓански организации. Акцијата има за цел младите директно да се вклучат во грижа за природата преку практична работа и учење на терен преку воспоставување еколошки противпожарни појаси како мерка за превенција од пожари и заштита на биодиверзитетот во чувствителните периферни зони на Белчишкото Блато.
Активноста се реализира во рамки на програмата финансирана од Swiss Development and Cooperation (SDC) и Landscape Fire Management – Western Balkans (LFMWB), која е имплементирана од Farmahem.nПроектот „EcoFire Youth Ambassadors – Интеграција на управување со пожари, наследство и одржливост на Охридското Езеро“ е имплементиран од Здружението за екологија ЕКОМЕНЛОГ – Охрид.

Со садењето на нативните видови се придонесува кон намалување на ризикот од пределски пожари, стабилизација на почвата и долгорочна заштита на природните вредности, истовремено јакнејќи ја еколошката свест и одговорност кај младите.
Дигитална компонента: мобилната апликација EcoFire Youth
Како дел од проектните активности, паралелно со теренската работа се развива и мобилната апликација „EcoFire Youth“, наменета за млади и граѓани кои сакаат активно да придонесат во превенција од пожари и заштита на природата. Апликацијата овозможува едукација за пожарни ризици, пријавување на потенцијални опасности и пожари, како и вклучување во еколошки активности и иницијативи на локално ниво.
Апликацијата е достапна на следниот линк: https://ecofire.glide.page/
„EcoFire Youth“ е веб-апликација што може лесно да се користи преку мобилен телефон, без преземање од продавници за апликации, и претставува алатка за поврзување на младите, наставниците и пошироката јавност со конкретни активности за превенција од пожари, навремено реагирање и подигање на јавната свест.