АктуелноОхрид

Соопштение за празникот Успение на Пресвета Богородица

Во таинствениот сјај на овој средишен месец август, кога природата вирее со своето краснородие, мајката Црква ни го поставува пред нас величествениот и најумилен празник – Успението на Пресвета Богородица, не како оплакување на смртта, туку како прв плод на Воскресението, како летна Пасха, исполнета со неизречива радост и светлина.

Оваа година, соборното празнување на нашата монашка заедница на празникот на Сечесното Успение на Мајката Божја ќе биде преместено во манастирот Пречиста Кичевска, во пространиот и величествен храм посветен токму на Неа, каде што во текот на изминатиот период се создадоа прекрасни услови за со особена радост и торжество да се слави овој најголем Богородичен празник.

Бдението во Пречиста ќе започне на 27 август, во 22:30 часот – сеноќно богослужение на љубовта, во кое ќе се сплетат човечката посветеност и небесната утеха, земната привременост и вечниот живот.

Божествената Литургија на 28 август ќе започне околу 7 часот изутрина , и со неа ќе чиноначалствува нашиот почитуван старец, Преосвештениот Епископ Антаниски г. Партениј.

Со срдечна љубов и монашка радост ве покануваме сите верни, жедни за молитва, за убавина, за духовно веселие, да ни се придружите во ова славословие на Животот. Да ѝ принесеме на Богородица не солзи на оплакување, туку на благодарност; не чувства на тага, туку на надеж и радост; не крај, туку вечен почеток.

„Со Успението свое, Богородице, од смртта нè избави, бидејќи ти си Мајка на Животот бесконечен.“