Премиерот Христијан Мицкоски во своето излагање по повод една година од работата на Владата вечерва нагласи дека економијата и битката за подобар живот беа главниот фокус и дека е задоволен од реализираниот пораст на БДП во првиот квартал, но оти постои можност за уште поголем прогрес.
Тој истакна дека е остварен највисок процент на градење патишта од независноста до сега и најави дека отсечката Врбјани-Охрид во должина од 40 километри од автопатот Кичево-Охрид ќе биде отворена на 12 јули.
Покрај инвестициите од изминатата година, на БМЗ, Костал, Авеста Батери и Енерџи Инжинеерин, Магна Мехатроникс, Шахтерм, тој спомена дека се работи на најмалку пет нови инвестиции.
“Обезбедивме 500 милиони евра за поддршка на компаниите и за поддршка на општините за реализација на капитални проекти за подобрување на животот на граѓаните. И тука не ги двоевме. Тоа се сите општини на територијата на државата, без разлика дали таму се градоначалници од редовите на владеачките партии, опзоицијата или некој независен.”
“Во првиот квартал од годинава постигнавме раст на БДП од 3,2 проценти, некој ќе рече мал, некој ќе рече голем, јас би рекол – сум задоволен, но не конечно задоволен, сепак има простор за уште поголем раст, но тоа сепак не става на 4-то место во Европа веднаш зад Ирска, Данска и Полска,” рече Мицкоски.
“Постигнавме”, истакна премиерот, “рекордно историско најголемо ниво на странски инвестиции од милијарда и 255 милиони евра, што значи дека имаме најголем број на странски инвестиции по глава на жител во овој дел на Европа.”
Мицкоски подвлече дека првпат по седум години е намален јавниот долг и оти заклучно со март 2025 година има редукција од 4,7 процентни поени во однос на БДП.












