Охрид

Калачоски: според предизборната програма на актуелниот градоначалник Кирил Пецаков, требаше да биде изградена велосипедска патека, четири години подоцна ниту патека, ниту проект

Денес сме овде токму на местото каде што, според предизборната програма на актуелниот градоначалник Кирил Пецаков, требаше да биде изградена велосипедска патека – еден од носечките проекти со кои ги освојуваше гласовите на охриѓани.
Четири години подоцна, што имаме? Ниту патека, ниту проект, ниту барем обид да се започне нешто. На местото каде требаше да се движат велосипеди, денес расте трева, жбунови и летна прашина. Тука има само молк, заборав и неодговорност.
Дали е ова визијата за која Пецаков зборуваше? Дали е ова европски Охрид, кој се движи напред? Или можеби ова е уште еден пример за тоа како изгледа лагата кога ќе ја оставите четири години да ‘зрее’?
И не се работи само за велосипедската патека. Се работи за довербата што ја изневери. Се работи за младите кои сакаа алтернатива во сообраќајот. За рекреативците, за туристите, за здрава животна средина. Се работи за неисполнета обврска кон граѓаните на Охрид.
И затоа, го прашуваме градоначалникот Пецаков:
Дали воопшто чувствува одговорност? Дали има срам кога ќе помине покрај ова место?
Оваа велосипедска патека не беше само проект – беше симбол на ветена промена. Денес е симбол на занемарување и неработење.
Охрид заслужува повеќе. Граѓаните заслужуваат реализација, а не само фотосесии и говори. Доста беше од изговори. Време е за отчетност.
Благодарам.
Климент Калачоски
Претседател на ЛК СДММ Охрид